18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Михаилоски: Нашата генерација расте во време на промени кои одземаат здив

„Нас во СДММ, никогаш не не интересирало кој како изгледа, кој во што верува, кој кому се моли, се обединуваме во истата идеологија на социјалдемократија и каузата што значи просперитет. Импресиониран сум од резултатите и напредокот кои ги постигнуваме заеднички, здружено. Ние сме млади, ние сме идни лидери во бизнис секторот, лидери на општествени промени. Ние сме лидери во спортот, музиката, културата. Ние сме лидерите неопходни за позитивните промени во државата“ рече претседателот на Социјалдемократската младина, Марко Михаилоски на младинската трибина „Младина, иднина, Европа“ во Скопје.

Тој додаде дека оваа генерација расте во време на промени кои одземаат здив и во време на предизвици кои се огромен залак дури и за поискусните, но во ова доба во кое се живее брзо, се уште младите веруваат дека може да го променат светот.

„Помина една година во која силно се трудевме да дадеме придонес за хармонично секојдневие на секој еден млад човек во државата. Учевме едни од други, се поддржувавме едни со други, не се плашевме да преземеме акции дури и тогаш кога длабоко во себе не бевме сигурни дека ќе успееме, затоа што потенцијалот и желбата за подобро утре секогаш се поголем предизвик од нашите стравови“ рече Михаилоски.

Претседателот на СДММ рече дека организацијата од неговата партија ја зацврстува и зголемува соработката со младинските организации, политичките подмладоци и независните фондации од други земји.

„Го подобруваме стандардот на студентите, поттикнуваме активности кои промовираат здрави навики, зелена и еколошка држава. Заедно со другарите од останатите политички подмладоци учествувавме во подготвката на националната стратегија која ќе гарантира квалитетен живот и поголеми можности за сите млади. Мотивирано продолжуваме да генерираме идеи и поместуваме граници. Нашите идеи и заложби се понудата и надежта на оваа земја“ рече Михаилоски.