За романот:
„Користејќи различни средства и на поинаков начин, Урошевиќ во Маџун постигнува ефект што, во доживувањето на читателот, е сличен на оној во Продавницата со цимет од Бруно Шулц. Одеднаш, како да прозборуваат мртвите работи, како меѓу џагорот на луѓето да се препознава и џагорот на неживиот свет, а целиот универзум се вселува во душата и телото на едно момче. А во таа куќа, во таа човечка глава, како во приказната за Баш Челик, постои една врата што не смее да се отвори. Зад таа врата е она што не смее да се види, а не може да се избегне.“ (Миљенко Јерговиќ)
„Романот Маџун не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман загатка…“ (Лидија Капушевска Дракулевска)
„Маџун е роман за детството, но не вообичаен билдунгс-роман за созревањето, туку роман за меморијата на детството, на вообразбата, на сеќавањето, на спомените и промените; роман за меморијата на знаењето и на наобразбата; роман за меморијата на преобразбата,.. на мирисите, боите и вкусовите, на зборовите, рецептите и летoците, на вујковците и тетките… на дворовите и крововите, на осамата и штамата, на драмата во најдлабоките и највисоките претстави за нас самите.“ (Оливера Ќорвезироска)
„ Романот Маџун, секако, може да се чита по аналогија и во компаративни односи со значајни дела од европската проза, почнувајќи, на пример, од првата книга на Лав Николаевич Толстој, во дадениот контекст со парадигматскиот наслов Детство, а потоа преку Ламаринениот барабан на Гинтер Грас до, на пример, Ужасот на празнината на нобеловецот Петер Хандке, и сосема природно, како по начинот на раскажување, така и по севкупната уметничка вредност, влегува во корпусот на дела на истата тема што ги претставуваше , во поголема или помала мера, прозата на одредени значајни јужнословенски автори, како и литературите на кои тие припаѓале.“ (Михајло Пантиќ)
За авторот:
Влада Урошевиќ (1934), поет, прозен писател, есеист, патописец. Препејувач на француската поезија (Бодлер, Рембо, Аполинер, Елијар, Бретон, Мишо…), автор на повеќе антологии. Роден во Скопје, во Дебар-маало, каде што го поминал раниот период од своето детство. Како и „Маџун“, и некои други негови романи („Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“, „Дива лига“, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“) за сцена на своето дејство го имаат Скопје во разни периоди од неговата историја. Своите мемоарско-есеистички текстови за родниот град ги објавил во книгите „Алдебаран“ и „Астролаб“. Повеќе негови раскази, од седумте објавени збирки, се одигруваат , исто така, во Скопје. Во 2023 година, по наградите “Роман на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.