Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Интерактивна работилница за гатанаките во Градската библиотека во Скопје

Под насловот „Црвен конец, црн конец – катранка“, група млади писатели и креативци се впуштаат во истражување на една од најпознатите кратки народни усни творби – гатанката.

Скопје, 15 јуни – Утре (петок, 16 јуни) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи мултимедијалниот интерактивен перформанс „Црвен конец, црн конец – катранка“ посветен на гатанката и афирмацијата на народното творештво. Поради временските услови работилницата ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток во 19 часот.
Авторите кои го создаваат овој перформанс тргнуваат од првобитна намена на гатанката и нејзината педагошката функција, за да стигнат до нејзиниот забавен карактер. За нив гатанката е форма која ја поттикнува и ја става на тест човечката креативност, покажувајќи ја својата улога во фолклорот. Интеракцијата се добива кога водителите поставуваат гатанка, а одговорот го дава публиката. Тоа е основата за вториот дел од настанот: одговорот на гатанката е проследен со читање поетска творба чија тема е токму решението на гатанката. Перформансот завршува со преслушување македонска чалгиска музика.
Во „Црвен конец, црн конец – катранка“ учествуваат: Софија Тодороска, Пепи Стамков, Светла Јакшиќ и Емануела Ковачевска Китановска.
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, како едно од главните културни јадра во градот и пошироко, останува отворена и во поддршката на младите творци и креативци, кои токму во библиотеката наоѓаат свое средиште и простор за изразување.

Можеби ќе ве интересира

Дина Јашари со концерна промоција на албумот „Растенија без корен“ во Скопје

ДЕСК

Доделување на наградата „Оливера Николова“ и промоција на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски

ДЕСК

„Матица македонска“ ја објави „Овие тивки, темни води“ од Кристина Мекдоналд, авторката на „Ноќта кога Оливија падна“, најпродаваната книга според USA Today

ДЕСК