Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана ДимитриескаК-очоска, вели дека СДС многу повеќе се занимава со производство на лажни вести поврзани со уставните измени отколку со решавање на економските проблеми во државата.
За Ковачевски, според неа, приоритет е да ја убедува јавноста во лажната вест дека ВМРО-ДПМНЕ наводно прифаќа уставни измени под бугарски диктат од тоа да се одглават евроинтегративните процеси и да се заштити националното достоинство на народот и државата.
„За СДС, поважни се лагите од среќата и напредокот на народот. Тоа што СДС е принудена да лаже за уставните измени, да шири паника и очај е најдоброто признание дека СДС нема никаков поинаков план, освен да турка уставни измени под бугарски диктат, што значат капитулација на државата. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ опфаќаат начини како да се дојде до забрзана европска интеграција, ДУИ да оди во опозиција по дводецениски грабеж и да се зачува достоинството на државата“, додава Димитриеска-Кочоска.
ВМРО-ДПМНЕ, појаснува потпретседателката, предлага одложено дејство на уставните измени, кои ќе бидат ефективни по завршување на преговорите со ЕУ и влез на Македонија во Европската Унија. На тој начин притисокот е кај другата страна и ова ќе биде гаранција дека нема Бугарија да ја кочи државата на патот кон ЕУ.
Додава дека одложеното дејство на уставните измени не е кршење на преговарачката рамка, туку, напротив, ќе се гарантира дека ќе нема дополнителни уставни и идентитетски отстапки.
„Првиот предлог е формирање преодна влада без ДУИ, измени што ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ, вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од Владата, без ДУИ поддржана од опозицијата.
Наспроти разум, власта нуди лаги“, оценува таа.
„Ковачевски против Ковачевски. Ковачевски рекол, Ковачевски порекол. Првин рече дека лидерската средба е неуспешна, дека нема отстапи, потоа лаже дека има одговор и лаже дека уставните измени се прифатени. Згора на тоа формирал и работни групи.
Очигледно Ковачевски ќе направи сè за да ги спаси ДУИ да оди во опозиција“, вели Димитриеска-Кочоска.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, како што дополни, е јасен. „Без одложување да кажат кој од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за Димитар Ковачевски, овој пат очекуваме одговор без лаги и спинови“.