НСДП го поздравува одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување, на кое повикаа пред две недели и кое, како што посочуваат, е неопходно за да се загарантира европската иднина на државата.
„Го поздравуваме прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, процес што треба веднаш да почне во Собранието“, истакнуваат од оваа партија.
НСДП, како што стои во образложението, е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес – членство во Европската Унија откога во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на иницијативата за уставните измени.
За НСДП, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се загарантирани и заштитени со усвојувањето на преговарачката рамка и нема простор за загриженост, тие, како што појаснуваат, се гарантирани од нашите стратешки партнери – Европската Унија и САД.
Повикуваат на државнички пристап од сите политички актери, на разум и да не се дозволи државата да стагнира, туку, како што велат, потребни се одговорност и препознавање на политичкиот момент за исчекор кон прогрес, реформи и општествен напредок, кој го очекуваат граѓаните.