24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бугарија ќе го тужи „Газпром“ поради прекинот во испораката на гас

Бугарското Министерство за енергетика подготвува арбитражна тужба против руската државна гасна компанија „Газпром“ за прекин на испораката на гас во април 2022 година откако Бугарија одби да плаќаи во руски рубљи, објави во вторникот министерот за енергетика на бугарската привремена влада, Росен Христов, пренесува „Еурактив“.

Бугарија и Полска беа првите земји-членки на ЕУ кои претрпеа намалувања на рускиот гас откако одбија да платат во рубљи и да ги прекршат договорите деноминирани во долари.

Арбитражниот случај беше најавен неколку часа пред да се замени владата со нова, редовно избрана влада поддржана од проевропските партии.

Преодната влада на претседателот Румен Радев во последните десет месеци покажа јавна пасивност по прашањето за барање компензација за прекинот на испораките на руски гас, што ѝ нанесе голема штета на бугарската економија и доведе до пораст на инфлацијата.

Владата на Радев првично се обиде да преговара за обновување на снабдувањето.

Поради прозападниот профил на новата влада, постојат очекувања дека таа ќе покаже многу поголема активност и ќе ги изнесе финансиските побарувања на Бугарија кон „Газпром“ пред арбитражниот суд.

Христов рече дека се обидел да ги обнови контактите со „Газпром“ и побарал да се врати снабдувањето со гас, но руската компанија одбила да даде јасен одговор.

Во март годинава, администрацијата на Христов извести дека не била донесена одлука за иницирање арбитражен случај против „Газпром“ ниту биле преземени чекори за подготовка на арбитражно побарување.

Меѓународниот арбитражен адвокат Методи Бајкушев вчера ја критикуваше бугарската влада за нејзината пасивност кон „Газпром“ и предупреди дека Русија може да го искористи случајот на хибридна операција за да ја дестабилизира новата прозападна влада.

„Загрижен сум дека еден од нападите против новата влада може да дојде од „Газпром“, при што тие први ќе ја тужат Бугарија. Очигледно е дека Русија нема проблем да го спроведе ова како хибридна операција, без разлика на тоа дали ќе го изгуби таквиот случај“, истакна Бајкушев.