25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Проф. Лидија Аризанковска: Македонскиот јазик е дел од словенскиот свет, повеќе од 60 години се изучува низ светот

„Местото на македонскиот јазик како дел од словенскиот свет е веќе дефинирано и потврдено преку дејноста на големиот број слависти кои своите научни истражувања ги посветуваат на македонскиот јазик, како и на македонскиот јазик во однос на другите или во контекст на другите јазици“ изјави професорката Лидија Аризанковска на прославата по повод 24 Мај – денот на светите Кирил и Методиј.

Таа додаде дека за местото на македонскиот јазик меѓу словенските јазици говори и фактот што во студиските програми на голем број словенски универзитети се изучува македонскиот јазик.

„На некои универзитети повеќе од шест децении, како што е Универзитетот во Љубљана кој минатата година ја прослави 60-годишнината од поставувањето на темелите на македонистиката, со одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови од областа на македонскиот јазик и книжевност; потоа Универзитетот во Марибор; универзитетите во Белград и во Загреб; 50-тина години македонскиот јазик се изучува и на Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска, во Русија, повеќе од триесет години во Соснјовец, потоа во Брно, Братислава, Познањ, Перм, Нови Сад, Ниш, Универзитетот во Риека, кој неодамна прослави 15 години од основањето на лекторатот по македонски јазик и други центри“ додаде професорката Аризанковска.

Таа рече дека посакува да продолжиме да чекориме по стапките на светите браќа Кирил и Методиј во насока на зачувување и афирмација на нешто, македонско јазично, културно и книжевно наследство.