30.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Работен состанок на комисијата за образование и наука: Продолжува вистинската грижа за заштита и унапредување на македонскиот јазик

Комисијата за образование и наука на Социјалдемократскиот сојуз попладнево одржа работен состанок во поширок состав со вклучување на локалните комисии и претставници на законодавната власт во пресрет на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.

Претседателката на Комисијата вон. проф. д-р Марина Андева, им се обрати на присутните и го претстави составот на секретаријатот на комисијата, порачувајќи дека образованието е столбот на општеството; основен и значаен елемент за развој на човекот како единка и на општеството во целост. Се потенцираше дека од политиките за образование зависи во која насока ќе се гради, развива и негува едно општество. На настанот се обратија и Жаклина Лазаревска, пратеничка од редовите на СДСМ и претседателка на Собраниската Комисија за образование и наука и Марко Михаилоски, претседател на СДММ.

СДСМ во изминатите години покажа што значи вистинска грижа за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Во изминатиот период 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик, се отвораат нови лекторати по македонски јазик во светот, а Договорот со Фронтекс е првиот документ со ЕУ потпишан на македонски јазик со чиста формулација и без додавки и фусноти, со што тој станува признаен и рамноправен со јазиците на сит земји членки на Унијата.

СДСМ преку своите работни тела и органи продолжува да се справува со сите предизвици во образовниот систем, односно се залага за образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд.

На состанокот беше заклучено дека образованието мора да се прилагодува и на новите глобални околности, како што е развојот на технологијата. Образованието исто така мора да понуди решенија и алатки за надминување на насилствата во образовните институции и градење и подобрување на менталното здравје кај децата и младите.

Во фокус на комисијата се многубројни прашања од кои се издвојуваат, концепцијата за основното образование, менталното здравје на децата и младите, интердисциплинарноста и унапредувањето на македонскиот јазик.

Централната комисија за образование и наука веќе започна со своите активности и пред овој работен состанок, односно веќе тече анализа на состојбите и на законските решенија кои се во тек. Во престојаниот временски период централната комисија внатрешно ќе се организира се со цел да има поголема координација и соработка со засегнатите страни.