6.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Калеска-Ванчева: Ставаме крај на огромните камати, ги штитиме граѓаните

СДСМ и парламентарното мнозинство поднесе измени на закони со кои се ограничува каматата на долговите, односно таа да не може да биде повисока од долгот, истакна на денешната прес-конференција Снежана Калеска-Ванчева, пратеничка на СДСМ.

Ставаме крај на огромните каматни стапки, кои досега во некои случаи и повеќекратно беа повисоки од самиот долг, рече таа.

Според неа, со предложените измени во Законот за облигационите односи и Законот за извршувањето казнената камата нема да може да биде поголема од долгот.

Тоа значи во ситуација кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата, ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече или во пракса – за долг од 1.000 денари, максималниот износ на каматата да биде 1.000“, појасни таа.

Со предлог законските измени, како што рече, се предвидува скратување на рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката.

Ова во пракса, оценува пратеничката, значи намалување на можноста за акумулирање на каматата, но и стимулација за побрза наплата од страна на доверителите.

„На овој начин ставаме крај на енормните камати што повеќекратно го надминуваа долгот и на тој начин граѓаните, па и цели семејства, се туркаа во должничко ропство.

Овие предложени измени директно ќе се однесуваат и на Законот за финансиските друштва, каде што е регулирано финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки кредит ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60 % од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги“, појасни таа.

На ваков начин појасни дека се зајакнува и контролата на државата врз работењето на финансиските друштва, но и во она што значи наплата на трошоци.

Овие измени, според неа, се во директна корист на граѓаните и затоа ги повика сите пратеници од сите пратенички групи да дадат поддршка за нивно усвојување.

Спонзорирано: