За македонскиот претседател Стево Пендаровски, барањето на Софија да учествува во процесот на уставните измени во Македонија и креирањето на амандманите е скандалозно. Тој смета дека такви барања не упатуваат ниту окупатори.
„Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите што ги окупираат. Во 21 век апсурдно е непримерно да барате да се мешате во внатрешните политички и во уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смисла нашиот одговор преку МНР вчера беше на место. Во однос на второто прашење, концептот за мнозинства и малцинства во нашата земја во Република Македонија, Северна Македонија, е надминат, таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор од 2001 година. И во поранешна Југославија никогаш не сме употребувале термин национални малцинства, туку имаше народи и народности. Зошто? За да не навредиме никого што живее тука, а е како бројка помал од мнозинскиот народ. Мислам дека тоа е депласирана дебата и не треба да губиме време за тоа“, посочи Пендаровски.
Претходно, Бугарија рече дека сака да учествува во процесот на промена на Уставот на Македонија. Тоа пред новинарите го коментира министерот за надворешни работи, Николај Милков, пренесува бугарското БНТ.