„Повисокото ниво на финансиска писменост придонесува кон повисока вклученост на населението во финансискиот систем, а со тоа и кон побрз економски развој. Подобро едуцираните и информираните клиенти подобро управуваат со личните финансии и придонесуваат кон финансиската стабилност, којашто исто така е предуслов за поголема финансиска вклученост. Оттаму, преку финансиската едукација може да се придонесе кон поголема вклученост на населението во финансиските текови, како и кон надминување на родовиот јаз и поголема вклученост на жените. Една од стратегиските цели на Народната банка е понатамошно спроведување на процесот на финансиска едукација, како и унапредување на финансиската вклученост преку стратегиски, холистички приод, а со тоа и придонес кон одржувањето на финансиската стабилност и економскиот развој.“ Ова беа дел од пораките на вицегувернерката Емилија Нацевска, која учествуваше на панел-дискусијата „Банкарски трендови и совети“, на Женскиот економски форум на тема „Финансиска писменост“.
Разгледувајќи ги најновите податоци од платежната статистика, вицегувернерката посочи дека финансиската вклученост на населението во земјава мерена според бројот на сметки по глава на жител е висока, односно дека на крајот на 2022 година граѓаните во просек поседувале 1,8 сметки по глава на жител, што е повеќе за 0,1 п.п. во однос на просечниот број сметки по глава на жител кај населението во Европската Унија. За ваквото високо ниво на овој показател голема заслуга има нашата регулативна рамка, односно преминот кон концептот на бруто-плата и задолжителна исплата на платите и пензиите на платежните сметки. Меѓутоа, резултатите од спроведените анкети на Меѓународната мрежа за финансиска едукација при Организацијата за економска соработка и развој (ИНФЕ ‒ ОЕЦД), во кои се опфатени и прашања од аспект на финансиското знаење, однесување и ставови, укажуваат дека нивото на финансиска писменост на домашното возрасно население е на нивото на земјите од Југоисточна Европа, што е под нивото на ЕУ и на ОЕЦД и се јавува потреба од натамошни активности за финансиска едукација, а со тоа и за унапредување на финансиската писменост на населението во користењето на финансиските производи и услуги.
За да може подобро да се согледаат финансиската писменост на населението и навиките во користењето на одделните платежни услуги, Народната банка од минатата година воспостави платежна статистика според родовата и возрасната структура. Од аспект на родовата структура на сопствениците на сметките, податоците посочуваат на родов јаз од 0,5 сметки повеќе во корист на мажите, или 2,1 сметки по глава на жител од машки пол, наспроти 1,6 сметки по глава на жител од женски пол. Но, жените кои поседуваат платежна сметка повеќе ги користат дигиталните придобивки при плаќањата како интернет-банкарство и мобилни апликации, а исто така се и поактивни плаќачи. Статистиките на возрасните групи, пак, покажуваат дека најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања се возрасните групи од 25 до 54 години.
Вицегувернерката Нацевска нагласи дека подобрувањето на финансиската вклученост и финансиска писменост во земјава е една од стратегиските цели на Народната банка. Банката стратегиски им пристапува на овие активности, во согласност со националната петгодишна Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто беше изработена под водство на Народната банка. Тимот за финансиска едукација при Народната банка повеќе години одржува едукативни предавања на редовна основа за сите заинтересирани образовни институции во земјата, со сѐ поголем опфат.
Вицегувернерката порача дека е многу важно граѓаните да се информираат за своите финансиски одлуки од релевантни извори. Таа го посочи негативниот ефект којшто го имаат лажните вести врз граѓаните, а ја истакна и посветеноста на централната банка во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка и натаму ќе биде посветена на спроведувањето на финансиската едукација, но и на транспарентната комуникација во интерес на граѓаните и економијата.