27.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Целта е во не повеќе од два владини мандати да ги завршиме преговорите за членство

Би сакал да им честитам на дел на колегите бидејќи навистина има многу одговорни, квалитетни луѓе коишто си ја сфаќаат работата многу сериозно, имаат мотивација, имаат желба, и покрај тоа што знаеме какво е нивото на платите во јавниот сектор, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ во гостувањето во ТВ21, прашан за капацитетите на администрацијата во процесот на преговори за членство во Европската Унија.

– Значи има луѓе кои навистина даваат многу во овој процес и на чијашто работа се темели процесот. И нив треба, навистина, да им се оддаде признание. И тие се поголем дел од учесниците во скринингот. Јас присуствувам на, да речеме, 80 проценти од скринингот до сега, можам да ви кажам дека за некои поглавја сме имале импресивни настапи. Каде што сме имале и по 40 презентации и квалитетни, коишто отвориле прашања на коишто сме дале квалитетни одговори. И сме биле добро оценети на лице место. Не се пишува таму оценка, туку велат задоволни сме од тоа што сме го слушнале. Ќе го видиме, на крајот на краиштата, во извештајот, рече Маричиќ.

Тој додаде дека постои структура којашто е базично поставена и поглавјата веќе имаат свои носители, но она на што се работи сега од тесната преговарачка група, е на утврдување на носител на кластери, и на конкретни прашања како што се главен економист, главен правник, главен антикорупционер.

-Блиску сме до комплетирање на тој тим, треба време повеќе, затоа што не е лесно да се најде човек којшто ќе сака да се посвети на тоа и ќе се откаже од други ангажмани, баравме и начин каква финансиска конструкција да направиме за да можеме тие луѓе да ги ангажираме, бидејќи тоа не се позиции на кои ќе се ангажираат луѓе за редовните примања во јавната администрација, има и странска помош во еден дел, и мислам дека во наредните неколку недели ќе ги објавиме, потенцира вицепремиерот.

Според него процесот на скринингот е долг, обемен, сериозен и бирократски, а во однос на патоказите кои ќе произлезат од него, тој одговори:

-Ќе поканиме и странски експерти, од Холандија, и од други држави коишто се заинтересирани, Холандија како најзаинтересирана за Владеење на право, во креирање на тие патокази, затоа што тие патокази ќе ни ги одредат задачите за наредните седум години, односно до членството. И наша цел треба да биде во не повеќе од два мандати владини да ги завршиме преговорите, тоа дали е возможно ќе видиме, но ние мора да бидеме амбициозни и да притискаме. Не заради оваа Влада, заради државата, заклучи Маричиќ.