Министерот Оливер Спасовски оствари работна средба со претседателот на Советот на амбасадорите со седиште во Скопје, Мухамед Халили, и со членови на Здружението на Советот на амбасадорите.
Халили упати благодарност до министерот Спасовски за денешната средба информирајќи го за активностите на Здружението на Советот на амбасадорите, кое претставува доброволно и невладино здружение на граѓани формирано со слободно здружување на дипломатите.
Здружението помага преку советодавни и други форми на дејствување во креирање и остварување политики од областа на надворешната и меѓународна политика, вклучително НАТО и ЕУ-интеграциите на Република Северна Македонија. Тој побара од министерот Спасовски поддршка и заедничка соработка за идните проекти, кои ќе бидат предложени од нивна страна.
Спасовски ги поздрави членовите на Здружението и упати уверување за поддршка на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија поврзано со идните планови и проекти во делот на безбедноста.