25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Над 150 медицинари пријавени да помагаат во Турција; Сали: Јас би сакал уште вчера да тргнеа

Над 150 доброволци, кои се медицински кадар, се пријавени за да заминат во Турција да помогнат во погодените региони од земјотресот. Ова е билансот до вчера, а прелиминарниот список ќе биде објавен денеска околу пладне. Министерот за здравство, Беким Сали, прашан кога ќе тргнат доброволците, вели: „Јас би сакал уште вчера да тргнеа, но ги почитуваме сите протоколи за комуникација со Турција, чекаме од нив одговор што конкретно им треба за да тргнеме. Ние сме спремни“.

„Се работи за привремена поддршка на граѓаните на Турција погодени од земјотресот. Во текот на изминатиот ден објавивме повик до сите граѓани, односно целиот медицински персонал да се пријават доброволци да се упатат до регионите. До вчера, до 23 часот, имав список со речиси 150 доброволци. До 12 часот, верувам, ќе го имаме прелиминарниот список со доброволци, кој ќе го дадеме на ЦУК, кои понатаму преку НАТО ќе ја известат Турција за човечки и материјални средства, кои ние ги имаме“, посочи Сали.

За Турција ќе заминат и две комбиња за интензивна нега со два тима.

„Има список на лекови што го обезбедивме преку компании и донатори. По потреба, турските власти ќе одобрат што им треба за ние да ги пуштиме кон погодените места“, додаде Сали.