24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчески да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, редовен професор, е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за коментар за извештајот на „Транспаренси интернешнл“.

Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.

„Уште еднаш оваа Влада покажува политичка незрелост и со тие позиции што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал“, рече тој.

Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините, каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините во кои имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да може граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт, која практично е раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.

„Така што, јас би апелирал до мојот колега, наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.