10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес, во Виена, пред Постојаниот совет jа презентира програмата на претседавањето на Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација. Со слоганот „За луѓето се работи“, претседателството на Македонија ќе биде фокусирано на луѓето „кои ќе бидат силата што ќе нè води во годината што претстои“, најави пред присутните Османи.

„Наша должност е да реагираме денес. За луѓето. Тие ја бараат нашата поддршка. Тоа е темелот на нашата организација. ОБСЕ, впрочем, и е создадена поради оваа конкретна причина и визијата на нашето претседателство во суштина лежи во сржта на мисијата на ОБСЕ“, потенцира Османи.

Министерот Османи истакна дека претседателството ќе се стреми кон засилување на теренската работа, што претставува значаен предуслов за подобрување на животот на луѓето, кои се крајни корисници на активностите на ОБСЕ. Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ги подобри координацијата и заедничката одговорност во реализацијата на активностите, неопходни во донесувањето позитивни промени, најави Османи.

„ОБСЕ има докажани резултати од своето дејствување во разни региони. Овде зборувам за искуството на нашата земја. Како земја домаќин на теренска мисија на ОБСЕ, нашата земја може е компетентна да посведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Уверен сум дека и другите земји домаќини на теренски мисии на ОБСЕ го делат ваквото мислење. Затоа, не треба да чуди податокот дека приоритетот на нашето претседателство со организацијата е ставањето фокус на луѓето“, потенцира Османи.

Приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност, со акцент на ситуацијата во Украина, најави Османи.

„Украина ќе остане наш главен приоритет. Агресијата мора да престане. Опустошувањето и убивањето цивилно население се неприфатливи. Вознемирувачки е да се гледа како луѓето страдаат. Последиците и цената од оваа војна за регионот на ОБСЕ и пошироко се жалосни и неподносливи“, порача Османи.

Тој додаде дека регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат континуирано внимание. Османи рече дека како земја претседавач со ОБСЕ во текот на целата година очекува поддршка во работата од сите држави учеснички.

„Сметаме на поддршката од државите учеснички и пошироката структура на ОБСЕ, во која се вбројуваат Секретаријатот на ОБСЕ, теренските мисии на ОБСЕ, самостојните институции, Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјалните претставници, кои работат на значајни проблематики“.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи во своето обраќање ја претстави намерата да ја покани Финска да му се приклучи на форматот „тројка“ на ОБСЕ и најави дека Македонија е подготвена за предизвикот што ја очекува во 2023 година.

„Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста имајќи предвид дека за нашата земја претставува привилегија да претседава со оваа Организација. На овој пат нашите успеси и неуспеси ќе бидат и ваши. Тешките времиња во кои живееме бараат мудрост, одговорност за нашите постапки и посветеност на начелата од Хелсиншкиот завршен документ. Тие се нашиот светилник на надежта, но и сигнален оган дека за овие начела не се преговара. Тие ќе бидат нашиот кодекс на вредности и однесување“, рече Османи.

Османи на крајот од своето обраќање порача да не постои страв од иднината и да ја трошиме денешницата, туку да работиме за подобра утрешнина, за иднината на ОБСЕ и иднината на луѓето.

Спонзорирано: