5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЛДП: Итно кратење на надоместоците на комисиските членови

Намалување на бројот на членови на управни и надзорни одбори, затворање или спојување агенции што имаат исти надлежности, како и намалување на износот на надоместоците, бара Либерално-демократската партија со цел кратење на непродуктивните трошења во буџетот, особено кога владее економска криза.

„Меѓу два и три милиони евра до лани била годишната сметка плаќана од државниот буџет за членовите во разните управни и надзорни одбори во Македонија. А ги има во немал број: процената е дека се повеќе од 1.600 лица, кои за својот повремен ангажман добиваат солиден паушал, дури и повеќе од 50.000 денари“, додаваат од ЛДП.

Според партијата, тие лица се распределени во управните одбори и во комисиите што постојат во центрите за јавно здравје, здравствените домови, центрите за социјална работа, студентските домови, универзитетските клиники, агенциите, дирекциите, државните центри, фондовите, а во некои од комисиите членовите земаат сума во висина од четири просечни месечни плати во Македонија. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, 49.585 денари е просечната плата само за октомври.

„Искористување државни возила понекогаш и до 24 часа, дневници, патни трошоци, нетранспарентност и судир на интереси утврди ДКСК уште во 2021 година, но состојбите не се подобруваат. Ние нема да дозволиме парите на граѓаните да се расфрлаат кај лица што извршуваат повеќе функции наеднаш. Без разлика дали се од власта или од опозицијата, прашањето за намалување на овие надоместоци не е проблем на јавното мислење, туку на високите суми, особено во економска криза кога треба да се покаже солидарност и соработка на институциите, затоа треба да има лимит, месечно да не може да се надминува сумата за членот во одредена комисија или одбор над минималната плата во земјата, додаваат од ЛДП.

Од партијата додаваат дека треба да се формира работна група, во која, покрај пратениците, би биле вклучени и експерти од Владата сè со цел да се донесе одлука што ќе го заштити буџетот од непродуктивни трошења и ќе се намали финансирањето на непродуктивната администрација.

Спонзорирано: