Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска оствари средба со членовите на Извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ), на која стана збор за актуелни прашања кои ги засегаат пензионерите.
На средбата се направи осврт на досегашните политики и мерки од кои директна придобивка имаат пензионерите. На почетокот на оваа година беше донесена новата методологија за усогласување на пензиите која предвидува усогласување на 50% со трошоците на живот и 50% со просечната плата. Ова усогласување ќе се прави два пати во годината, септември и март.
„Како Влада насочени сме кон креирање и носење на системски решенија, кои даваат резултати на долг рок. Заедно со вас, пензионерите, дојдовме до решение кое нуди постојан раст на пензиите и овозможува подостоинствен живот на сите“, нагласи Тренчевска.
Во време на економска и енергетска криза, Владата преку Министерството за труд и социјална политика обезбеди финансиска поддршка за месеците март, април и мај со вкупна вредност од 3.000 денари за околу 330.000 пензионери. Исто така, пензионерите со пониски пензии од 14.000 денари се вклучени во последниот пакет антикризни мерки со финансиска поддршка од 1500 денари и 750 денари за четири месеци.
Претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова во името на сите пензионери се заблагодари на поддршката која пензионерите ја добиваат од Владата и Министерството за труд и социјална политика и вклученоста на претставниците на пензионерите во креирањето на политики и мерки наменети за оваа категорија на граѓани. Соговорниците се согласија дека следната 2023 година во фокусот ќе биде дефинирањето на минималната пензија, како уште еден чекор во обезбедувањето на достоинствен пензионерски живот.
На средбата се разговараше и за социјалните услуги на локално ниво, кои Министерството за труд и социјална политика преку Проектот за подобрување на социјални услуги ги реализира со општините и провајдерите како даватели на услуги.
Досега преку Проектот се склучени 22 Договори за грант со 27 општини, а со вториот повик до општините следува потпишување на нови 12 договори во кој се вклучени 17 општини.
„Ги доближуваме социјалните услуги на локално ниво, во местото на живеење на старите лица, со цел да им го олесниме секојдневието и подобриме квалитетот на живот. Досегашните искуства од услугите помош и нега во домот за стари лица даваат позитивни резултати и задоволни корисници. Грижата за највозрасната категорија на граѓани продолжува и понатаму. Возвраќаме на оние кои ја граделе нашата држава со овозможување на спокојни пензионерски денови,“ посочи Тренчевска.