Договори за финансирање седум проекти за развој на планските региони во Северна Македонија потпишаа министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и швајцарската амбасадорка во земјата, Вероник Улман, во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2“.
„Вкупната вредност на проектите за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој е 2.377.277 швајцарски франци за седум плански региони, Министерството за локална самоуправа обезбедува 54 % од средствата, а 46 % поддржано од Швајцарија“, рече Пенов.
Тој истакна дека проектите се одбрани во консултација со граѓаните од секој плански регион.
„Разговараме со амбасадорката да отвориме уште еден грант за планските региони преку кој ќе се финансираат и проекти за енергетска ефикасност за општините за да може побргу да се приспособат на потребата за поголемо штедење на електричната енергија и за поефикасно функционирање. Ако има добри проекти, секогаш ќе се најдат средства за нивно финансирање, со години ја имаме поддршката и од швајцарската влада“, рече Пенов.
Швајцарската амбасадорка во земјата, Вероник Улман, на настанот потенцира дека планските региони во Северна Македонија имаат долга листа на потреби, но поставувањето приоритети, креирањето и финансирањето проекти што имаат опипливи резултати и долгорочен добротвор во животите на луѓето остануваат како тешкотија за планските центри, како и за регионалните совети.
„Предизвиците и проблемите се поголеми кога станува збор за одржливоста на овие влогови и инвестиции по завршувањето на проектите. Среќна сум што овие седум проекти, кои се кофинансирани од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарија, беа успешно идентификувани од планските центри и регионалните совети“, истакна Улман.
Целта е преку финансирање конкретни проекти, од кои корист ќе имаат повеќе општини во регионот, да се решаваат прашања од регионално значење, како што е опремување на регионалната противпожарна служба во Североисточниот Плански Регион и изградбата на стационар за кучиња во Вардарскиот Плански Регион и други проекти.
Планирана е и реконструкција на домот за стари лица во Берово во рамките на Источниот Плански Регион и реконструкција на центарот за кардиологија во Охрид, како и фотоволтаични системи на јавни објекти во рамките на Југоисточниот Плански Регион.
Во рамките на проектите ќе се реконструира Центарот за белодробни заболувања во Отешево, а ќе се реконструира и старото училиште во Кучково во центар за рехабилитација на деца излекувани од карцином во Скопскиот Плански Регион.