11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Џафери-Коњуфца

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Република Косово, Глаук Коњуфца, кој претстојува во возвратна работна посета на земјава. На средбата присуствуваше и претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Собранието на Република Косово, Африм Гаши.

Претседателот Талат Џафери нагласи дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово се на високо ниво, со успешната соработка во бројни полиња од заемен интерес, отворен дијалог на сите нивоа и без отворени прашања. Тој истакна дека Република Северна Македонија ги подржува евро-атлантските аспирации на Република Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО Алијансата. Истовремено, Џафери го повтори афирмативниот став на нашата земја за пристапување на Косово кон сите мултилатерални и регионални организации.

Претседателот  Џафери се осврна и на економската соработка, нагласувајќи дека Република Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу главните извозни пазари за нашата економија. Нагласи дека во земјава со внимание се следат актуелните случувања во Косово и оцени дека е неопходно  продолжување на преговорите меѓу двете страни, со цел  за смирување на состојбата и изнаоѓање решенија за отворените прашања. Истовремено, тој изрази поддршка за дијалогот Косово-Србија, предводен од ЕУ, во насока на постигнување конечен и взаемно прифатлив договор.

Претседателот на Собранието на Република Косово, Глаук Коњуфца, изрази благодараност до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, за неговиот значаен личен придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете соседни пријателски земји. Тој нагласи дека Република Косово и Република Северна Македонија споделуваат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика и се заблагодари за континуираната поддршка од земјава за Косово во доменот на евро-атланските интерграции, како и за визната либерализација со ЕУ. Претседателот Коњуфца истакна дека уште од прогласувањето на независноста на Косово, двете држави развиваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка во сите области, за што се потпишани околу 60 билатерални договори.

Во врска со неприфатливата агресија на Руската Федерација врз Украина, претседателот Коњуфца нагласи дека Косово и Северна Македонија се на вистинската страна, на која што е целиот демократски свет. Тој нагласи дека посетата на претседателот Талат Џафери на Украина во април годинава била инспирација за целиот регион и претставувала доказ за лидерската геополитичка и гео-стратешка позиција на Република Северна Македонија.

Соговорниците разменија мислења за соработката на полето на инфраструктурното поврзување, со кое ќе се олеснат комуникацијата и контактите меѓу граѓаните од двете земји. Оценија дека во областа на преку-гранична соработка, заедничкиот фокус треба да биде ставен во насока на искористување на ЕУ фондовите за отворање нови и осовременување на постојните гранични премини.

Џафери и Коњуфца изразија надеж дека оваа посета ќе претставува поттик за натамошно унапредување на конструктивната билатерална соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово и ги повторија заложбите за интензивирање на меѓусебните посети, како меѓу претседателите на парламенти, така и меѓу соодветните комисии и пратенички групи за пријателство и соработка од двете собранија.