15.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стојановски: Владата да ги прифати нашите закони во интерес на граѓаните

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесе повеќе закони во текот на оваа недела кои се во интерес на граѓаните, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

„Со првиот закон бараме Владата да се откаже од идејата сметките за струја да се покачат за 5% од Нова година, односно за речиси 13% од 1 јули 2023 година. ДДВ за електричната енергија за домаќинства да продолжи да биде 5% во текот на целата идна година, а власта нека намали со купувањето струја од сомнителни фирми, нека се справи со криминалот и корупцијата кои извираат од АД ЕСМ и ќе може граѓаните и во иднина да плаќаат иста цена на струја која и така е висока. Домаќинствата секој месец преку сметките за струја ги плаќаат криминалот, корупцијата и неспособноста на Димитар Ковачевски, Крешник Бектеши и Васко Ковачевски.

Вториот закон се однесува на мерката Викенд без ДДВ. Предвидуваме секој викенд додека трае кризната состојба, а тоа е 30 април 2023 година, за купените прехранбени производи граѓаните да добијат целосен поврат на платениот ДДВ. Државата прибира огромни средства по основ на зголемени цени, ред е да им помогне на граѓаните. Не бараме премногу, само данокот за храната да го вратат кај граѓаните. Само малку луѓе од Влада ќе купуваат ајкули, делфини и китови, сите останати ќе купуваме леб, масло, млечни и сувомеснати производи итн.

Со третиот закон бараме износот на субвенција за студентскиот оброк да се зголеми од 120 на 160 денари. Инфлацијата кај храната е 30% и повеќе од неопходно е да се зголеми овој износ. Загрижувачка е веста дека само оваа академска година 800 студенти од Македонија се запишале на Универзитетот во Љубљана. Неквалитетното високо образование и катастрофалниот студентски стандард се причините за ваквите одлуки на студентите. Човек да помисли дека власта намерно го уништува високото образование за младите да се мотивирани да се иселуваат“, рече Стојановски.

Тој ја повика власта и мнозинството да ги прифатат овие предлог-закони без, како што рече, дополнителни игри и одлагања.

Крајно време е граѓаните да бидат приоритет на власта, наместо криминалот, корупцијата и расипништвото, порача Стојановски.