Стружанецот Славчо Крежески ќе ја освојува балканската музичка сцена со својата најнова балада насловена како „Посилен од себе“ за која сними и мини-филм.
Музиката, текстот и аранжманот за темата „Јачи од себе“, односно на македонски „Посилен од себе“, се дело на познатиот автор Коста Ранѓеловиќ, додека екранизацијата ја направи продукцијата Дигитал Вертиго во режија на Андреас. Покрај пејачот, своја улога во видеото имаат и актерите Стефан Кресовиќ и Кристина Недовиќ.
Крежески потекнува од струшкото село Мислешево, има 26 години и со музика се занимава уште од најмала возраст. Од својата седма година свири клавир и тој инструмент му е најдраг, но одлично свири и гитара, како и саксофон. Желбата за музика доаѓа од неговиот татко кој е докажан гитарист.
Песната „Јачи од себе“ заедно со видеозаписот е објавена на каналот на реномираната српска музичка продукција Инфинити продакшн.