Пред една година, кога градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ го преземаа раководењето со општините наследија многу долгови, демотивирана администрација и многу нерешени проблеми. 365 дена сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ без исклучок се посветија во целост на решавање на проблемите на граѓаните, создавање отворени општини кои се сервис на народот и реализирање на ветеното, истакна на денешната прес конференција, Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ отпочнува организирана акција на отворени денови во општините каде ја има одговорноста да управува и граѓаните ќе може да дојдат и предложат идеи кои ќе бидат вклучени во наредниот буџет, но и да се запознаат со идните проекти. Општините каде градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја имаат одговорноста да управуваат со процесите ќе бидат отворени во наредните два викенди во период од 11 до 14 часот. Тие кои нема да бидат во можност да ги посетат општините, ќе имаат можност и онлајн преку веб страната budzet.mk да ги предложат своите идеи“, рече Томовски.
Идеите, додаде тој, ќе бидат разгледани од стручни тимови од општината раководени од градоначалникот и одговорните по сектори, кои имаат децениско искуство во водење на локалната самоуправа.
Секој буџет, според Томовски, кој ќе се донесе ќе биде заедно со граѓаните.