24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Во Народната банка беа доделени наградите од Конкурсот за ученици од основното и средното образование посветен на Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври

Народната банка и Министерството за финансии денеска во Музејот на Народната банка ги доделија наградите освоени од учениците во рамките на Конкурсот за избор на најдобри ликовни и литературни творби по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври. На традиционалниот настан којшто годинава се одржува по десетти пат, пред присутните се обратија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

„Денот посветен на штедењето, којшто во светски рамки се одбележува речиси еден век, оваа година е под мотото: Штедењето ве подготвува за подобра иднина! Целта е да се промовира штедењето и да се подигне општествената свест за важноста на штедењето, да се истакнат придобивките коишто ги носи тоа за секого, за секое семејство, но и за економиите во целина“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Таа додаде и дека „за поттикнување на штедењето особено е значајна финансиската едукација и тоа од најрана возраст. Оттаму, Народната банка заедно со Министерството за финансии и останатите финансиски регулатори во изминативе години сè повеќе вложуваат во оваа сфера, а со носењето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, нашата земја се издвои меѓу првите во регионот.“

Заради одбележувањето на јубилејот ‒ 30 години од монетарното осамостојување, годинава темите на Конкурсот му беа посветени на денарот. Учениците од основното образование твореа на темата „За денарот твориме, за денарот славиме: 30 години од воведувањето на македонскиот денар!“, додека, пак, учениците од средното образование на темата „Македонскиот денар како национална валута ‒ еден од симболите на независноста“.

„Финансиската едукација е долгорочен процес со кој со вградувањето во наставните програми уште од најрана возраст се овозможува стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот. Истовремено, подобро едуцираните и информираните граѓани, кои подобро управуваат со своите лични финансии претставуваат сè позначаен фактор во градењето стабилен и сигурен финансиски сектор“, рече министерот Бесими. Тој додаде дека штедењето е клучен столб во стабилноста на финансискиот систем, а учениците од основните и средните училишта имаа можност на објавениот Конкурс на креативен начин да ги изразат своите размислувања на темата штедење. „Творбите што ги испратија беа квалитетни и покажаа дека децата знаат да се однесуваат одговорно кон парите и имаат визија што да направат со нив. Тие покажаа дека нашите млади разбираат што е штедењето, но и покажуваат дека ги имаат основите за финансиска едукација којашто понатаму ќе ја надградуваат, а тоа ќе им овозможи да донесуваат исправни одлуки за сопствен развој и за развој на државата“, истакна Бесими.

На огромно задоволство на организаторите, на овогодишниот конкурс пристигнаа речиси 800 ликовни и литературни ученички творби, од кои 15 се прогласени за најдобри во различни категории. Учениците од основното образование имаа испратено вкупно 771 творба, од кои 130 литературни творби – песни од учениците од прво до петто одделение, 128 литературни творби – раскази од учениците од шесто до деветто одделение и вкупно 513 ликовни творби – цртежи од ученици од прво до деветто одделение од основното образование. Учениците од средното образование, пак, испратија вкупно 26 есеи. Комисиите за избор на најдобри творби, формирани од претставници на Народната банка и Министерството за финансии, заклучија дека едукативното значење на темата на творбите придонесло за натамошно продлабочување на знаењата кај младите. При изборот на трудовите за награда кај учениците од основното образование беа земени предвид главните карактеристики на оригиналноста во индивидуалниот пристап, духовитоста, техничката умешност, креативноста и чувствителноста. Кај есеите на учениците од средното образование, пак, најважни критериуми беа опфатот и толкувањето на темата, како и начинот на изразување и креативно пишување.

Во оваа прилика, гувернерката Ангеловска-Бежоска им се заблагодари на сите учесници и нагласи дека било многу тешко да се направи избор на само три најдобри творби во секоја категорија, поради големиот број квалитетни трудови. Народната банка продолжува со едукативните активности, имајќи го предвид значењето на финансиската едукација за целото населението.