Министерот за внатрешни работи денеска се обрати на научен собир на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“ во партнерска организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Факултетот за безбедност и Министерството за внатрешни работи, што се одржа во амфитеатарот на Факултетот за безбедност во Скопје.
Министерот Спасовски во своето излагање потенцираше дека секоја техничко-технолошка новина во себе носи важни дилеми кои бараат соодветни правила на прилагодување, особено ако практичните ускуства покажуваат конкретни проблеми при користењето.
„ Фактот дека според Светската здравствена организација одвлеченото внимание на возачот поради користење на мобилен телефон се јавува како причина во безмалку една четвртина од сите сообраќајни незгоди, јасно ни укажува дека одредени модерни технолошки алатки едноставно не можат да се користат секаде и во секоја прилика. Евидентно е дека се соочуваме со еден нов и потенцијално многу опасен феномен кој согласно статистиките и аналитички согледувања има капацитет на крајно сериозна закана, чија цена се човечки несреќи и трагедии.“, ја дефинираше опасноста од користењето на мобилните телефони министерот Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека препознавајќи ја таа опасност повеќе години наназад сите релевантни институции од областа на сообраќајот не само што законски го нормираа како казниво поведение користењето на мобилните телефони при возење, туку интензивно се вклучија во превентивно делување и заеднички работеа на подигнување на јавната свест, дека на користењето на мобилните телефони не му е местото во сообраќајот, без разлика дали станува збор за управување на моторно возило, минување на сообраќајниците или велосипедска рекреација, притоа не исклучувајќи ниту еден учесник во сообраќајот.
„Сообраќајниот прекршок „зборување на мобилен телефон“ во последниов период бележи пораст, па во изминатата 2021 година биле процесуирани дури 1.617 вакви прекршоци. Оваа година, од нејзиниот почеток заклучно со крајот на септември санкционирани се 2.128 возачи за користење на мобилен телефон при возење. Како што претходно истакнав, порастот на бројката е резултат на рапидно зголемената активност на полицијата во санкционирањето на непочитувања на сообраќајните правила и прописи.“, ги презентираше официјалните статистики од аспект на полициска работа министерот Спасовски. Претседателката на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Гордана Кожуваровска потенцираше дека според истражување на РСБСП дека на светско ниво 45% од возачите користат мобилен телефон додека возат, а во Република Северна Македонија тој процент е дури 60% од возачите.
„Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Не постои разговор на мобилниот телефон чија важност може да се спореди со пристигнувањето на посакуваната дестинација безбедно и со добро здравје.“, сублимираше Кожуваровска.
„Мобилните телефони во комбинација со управување со моторно возило може да бидат смртоносни алатки. За тебе или за другиот учесник во сообраќајот. Застани, размисли, не брзај, внимавај! Опасностите се на секој агол, статистиките се поразителни! Кога возиш, остави ги за подоцна сите разговори на мобилниот телефон. Заштити се себе си и другите учесници во сообраќајот!“, акцентираше деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски сложувајќи се со другите ученици на научниот собир дека ваквите стручни настани и вклучувањето на повеќе различни институции и на стручните но и на образовните, односно академски средини, можат дополнително да придонесат за разбирањето и решавањето на ваквите негативни феномени.