26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Андонов: Трендот на заштеда на електрична енергија е во нагорна линија, заложбите не се декларативни

Владиниот советник за енергетика, Виктор Андонов истакна дека штедењето за кое секојдневно се зборува е пред се во интерес на граѓаните и овие заложби не се само декларативни, туку се спроведуваат и секојдневно од сите институции.

-Доказ за тоа се бројките и фактите, во месец октомври во споредба со истиот месец лани, државните институции со почитување на препораките за штедење на електрична енергија за безбедна зима успеале да заштедат 24 отсто електрична енергија. Владата на Република Северна Македонија заедно со посветениот и одговорен пристап на сите свои вработени заштедила вкупно 32 отсто на електрична енергија, рече Андонов на денешната прес-конференција.

Според него трендот на зголемување на заштедите на електрична енергија е во нагорна линија и во месец септември во споредба со истиот месец лани сме имале 20 отсто заштеди на електрична енергија, а веќе во октомври има пораст и тој изнесува 24 отсто во споредба со октомври 2021 година.

-Во текот на овој месец, и во периодот што следува сите треба да сме максимално одговорни, заради пониските температури да бидеме уште повнимателни во користењето на електричната енергија за да го продолжиме овој тренд на намалување на потрошувачката, односно да продолжиме со зголемување на заштедите, кажа Андонов.

Тој додаде дека како одговорна Влада одговорно менаџираат со ресурсите. Воедно, Андонов им се заблагодари на сите колеги вработени во Владата и сите вработени во државните институции кои покажале висока свесност за состојбата во која се наоѓаме.

-Евидентно, бројките покажуваат резултат со заштеда која е нотирана веќе втор месец по ред. Сите заедно и солидарно треба рационално да ги користиме ресурсите со кои располагаме, особено сега во време на криза, кога постои реален недостаток на електрична енергија и на ресурси. Секоја една мала промена на навиките може да доведе до голема заштеда на електрична енергија и ресурси, истакна Андонов.