Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Ковачевски-Ларсон Јаин: Ги јакнеме билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Шведска и имаме силна поддршка за европската иднина на земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска се сретна со новата амбасадорка на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаин.

Премиерот на средбата ѝ посака успешна мисија, но и изрази задоволство за одличната досегашна билатерална соработка помеѓу двете земји, како и за засилените политички и пријателски врски.

На состанокот беше ставен акцент за продолжување и унапредување на соработката помеѓу двете земји, посебно во време на шведското претседавање со Европската Унија следната година и очекувањата да добиеме силна поддршка од Кралството Шведска во евроинтеграциските процеси.

Премиерот Ковачевски истакна дека Република Северна Македонија е фокусирана на просперитет, а тоа може да се постигне само со добрососедски односи и европска иднина.

Амбасадорката Ларсон Јаин на состанокот изрази честитки за отпочнатите преговори на Република Северна Македонија со ЕУ и посочи дека земјата има подготвени тимови кои го водат скрининг процесот.

Во рамки на разговорот, беше изразена благодарност за шведската поддршка за зајакнување на капацитетите на институциите на Република Северна Македонија, во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина, што се и дел од скрининг процесот. Исто така беше истакнато дека Република Северна Македонија како членка на НАТО Алијансата го поддржува пристапувањето на Шведска во НАТО.

Во мај, нашата Влада го одобри пристапувањето на Република Финска и Кралството Шведска со членство во НАТО. Членството на Шведска и Финска во НАТО е придонес за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа, особено во контекст на руска воена агресија на Украина, која доведе до промени во европската безбедносна политика. На 22 август, Северна Македонија го депонираше инструментот за ратификација на Протоколот кон НАТО за пристапување на Шведска и Финска во Стејт департментот на САД.