Финска има потреба од повеќе од 50.000 имигранти годишно до 2050 година за да ги пополни слободните работни места поради стареењето на населението, соопшти Финската асоцијација за технологија.
„Финска старее и се задолжува, а односот на економската одржливост се превртува наопаку“, рече Јако Ескола, претседател на здружението Технологија Финска, пренесува Ксинхуа.
Здружението, кое собира околу 1.800 компании од технолошката индустрија, наведува дека само на технолошката индустрија ќе и бидат потребни 130.000 нови експерти во следните десет години.
Се верува дека во следните десет години ќе има десетици илјади слободни работни места во извозната индустрија.
Ескола предупреди дека социјалната држава нема да може да се одржи доколку Финска нема доволно работоспособни луѓе.
„Затоа единствената опција е значително да се зголеми имиграцијата“, додаде Ескола.
Тој изјави дека Финска мора да изгради успешна долгорочна имиграциска политика.
„Но, само тоа не е доволно за да се решат предизвиците на земјата“, рече Ескола, додавајќи дека е неопходно да се подигне нивото на вештини на младите, особено во областа на информатичко-комуникациските технологии.