5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Промоција на поетска книга од Емељ Туна во Градската библиотека во Скопје

Скопје, 9 ноември – Утре (четврток, 10 ноември) во 19 часот во Спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ од Емељ Туна. Промотор на книгата е Владимир Мартиновски, стихови ќе чита Биљана Стојановска.

Збирката „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ содржи 52 песни кои, иако не се формално поделени во циклуси, можат да се „сместат“ во неколку поетски целини. Тие целини немаат ограничувачки ниту разграничувачки карактер, бидејќи песните се прелеваат од една во друга и така создаваат еден заеднички колаж на емоции. Во збирката се забележливи повеќе тематеми кои се симболичко јадро на поетските слики. -Збирката „се отвора“ пред читателот со тишината. Симболот на тишината, како антипод на зборот кој е праизвор на сè, често се среќава како во македонската така и светската поезија. Тој е извор на некажанато, премолченото, на скриеното, на мудроста, на тагата. Но, тој е и средство за најгласно соопштување на нештата! Авторката луцидно го избира токму овој симбол преку кој ни ја открива нејзината вистина и со кој ни „дозволува да влеземе во нејзиниот свет“. Уште при првиот допир со песните тишината гласно одекнува во нив. Туна „остварува контакт“ со тишината сакајќи со неа да „води дијалог“. Свесна е за нејзината моќ во себе да ја згусне сета есенција на постоењето, на доживеаното, на некажаното, но сеприсутното – ќе запише Атина Цветановска.

Емељ Туна e голем вљубеник во пишаниот збор, но и на уметноста општо, како основна клетка на живеењето. Родена е 1977 година во Скопје. Има дипломирано на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, а магистрирала и докторирала на шведскиот земјоделски универзитет од Упсала. Работи како вонреден професор на Институтот за агроекономика, на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Авторка е на четири збирки поезија „Хоризонти“ (1998), „Паралелни светови“ (2002), „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ (2021) и „Чудна пролет ќе ти раскажам“ (2022). Учествувала на повеќе поетски натпревари и манифестации на кои е добитник на неколку награди и признанија. Нејзината поезија е дел од поетски монографии како „Астални проекции“ и „100.000 Поети за промена“.

Спонзорирано: