23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски од Струмица: Инвестираме во енергетска трансформација и независност, ние сме земја со ресурси

На трибината во Струмица претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски пред граѓаните се осврна и на тековната економска и енергетска криза која владее во светот и притоа потсети на поддршката што владата предводена од СДСМ им ја дава на граѓаните и компаниите.

„Електричната енергија за сите домаќинства и за 72.000 мали потрошувачи ја субвенционираме со 80% од реалната цена.

Оваа струја е обезбедена од 100% домашно производство.

Директно го поддржаме образованието, како врвна обврска на државата. 365 основни и 109 средни училишта и здравствените установи ги поставивме на регулираниот пазар за да добиваат поевтина струја.

Успеавме да обезбедиме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехрамбени производи. Ова како што кажаа компаниите, ќе овозможи најмалку 10% намалување на крајните цени на основните прехранбени производи.“ рече Ковачевски.

Претседателот Ковачевски ги издвои и постоечките инвестиции со цел зголемување на енергетска независност на државата.

„Започнува фазата на градба на 100 мегавати сончева електрана во Осломеј. Како инвестиции кои се пред нас се и голема фотонапонска електрана Стипион од 400 мегавати, со развој на агрикултура од реноминараната француска компанија АКУО, изградбата на голема ветерна електрана Вирови, од реномираната германска компанија Ве-Пе-Де.

Потпишани се договори за изградба на 130 мегавати фотонапонски електрани. Во следниот период ќе почне и пуштање со работа на најголемите 25 мегавати во Свети Николе. Се очекува до крајот на 2023 во системот да се вклучат помеѓу 200 и 300 мегавати сончеви електрани.

По 30 години, конечно ќе започне реализацијата на проектот ХЕЦ Чебрен. До крајот на годината ќе заврши евалуацијата и изборот на најдобар понудувач.. Проектот е со проценета инвестиција од 800 милиони евра.

Генерално, инвестициската клима е исклучително подобрена бидејќи сме земја НАТО членка која има отпочнато преговори со ЕУ. Законските измени за олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици се веќе во сила, со што комплетно е олеснета процедурата, нема повеќе непотребна бирократија, а обезбедени се и субвенции.“ истакна Ковачевски.