Таканаречениот „мега-парк“ во Волково кој го градат општината Ѓорче Петров и Град Скопје може да биде опасен за идните посетители, бидејќи дел од депонијата се уште не е расчистена, а според информации на Цивил Медиа, дел од отпадот не е транспортиран до Дрисла, туку е само затрупан со слој земја.
Од Град Скопје и Општина Ѓорче Петров нема одговор за безбедноста на почвата, колку е таа контаминирана, а не кажаа ни дали имаат елаборат од Министерството за животна средина за изградбата на овој парк.
Граѓаните и граѓанските здуженија реагираа за отпадот и загадувањето на реката Лепенец од оваа депонија изминатите години. Отпадот неколку пати беше расчистуван, но сепак жителите и понатаму трупаа кабест и градежен шут, мрша од угинати животни и отпад од месарници и останати фирми. На социјалните мрежи се појави и видео како камион на општината исфрла отпад на дивата депонија.
Сомнително е и расчистувањето на оваа депонија, која треба да стане „мега-парк“. Како што објави Цивил Медиа, договорите со фирмите кои го расчистувале отпадот и количините на отпад кој бил расчистен не одговараат со времето на чистење, ниту со количината на отпад која е во депонијата.