20.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Големата лага на Максим Димитриевски

Во морето на лажни вести и дезинформации заплива и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој на дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 (на 6 ноември) ширеше лаги во врска со Преспанскиот договор, иако самиот гласаше и го поддржуваше во 2018 година.

„Првично, Преспанскиот договор не беше во целост објавен во јавноста и во самата фаза на кампањата на референдумот. Јас цврсто верував со тогашниот тим во СДСМ, дека Преспанскиот договор е добро решение, но дефинитивно истиот не беше обзнанен и за него не беше дебатирано во ниту еден момент“, вели Димитриевски.

Оваа изјава и тврдење на Димитриевски е целосно неточна, бидејќи граѓаните беа транспарентно, исцрпно и навремено информирани за содржината на Преспанскиот договор.

На 20 јуни 2018 година, Собранието го ратификуваше Договорот со Грција. „За“ гласаа 69 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата.

На 14 јуни 2018 година Владата го декласифицираше договорот со Грција и го објави на нејзината веб страница и сите граѓан(к)и имаа увид во содржината на текстот. Договорот е насловен како „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешно партнерство меѓу страните“.

Токму Димитриевски кој, веројатно, со цел да придобие политички поени, дава манипулативни изјави со дезинформации дека „Преспанскиот договор во ниту еден момент не беше обзнанен“, на 24 септември 2018 година, односно два месеца подоцна откако беше јавно објавен Договорот од Преспа ги повика граѓаните да излезат на референдум и да дадат поддршка.

„Кумановци темпераментни луѓе. Одани, борбени, чесни! Денес се бориме за иднината на нашите деца и внуци. Сите ние сме исправени пред историска одлука. А тоа е референдумот. На оваа генерација на луѓе им падна тежината на таа одлука. Ова не е одлука за Максим, за Заев или Христијан, кој што молчи. Ова е одлука на вас, за вашите и нашите деца. Убеден сум дека на 30ти (септември 2018) овде ќе ја славиме победата на граѓаните на референдумот“, рече своевремено Димитриевски.

Инаку, Димитриевски во емисијата „Click Plus“ на ТВ 21 изјави дека е во фаза на формирање граѓански здруженија низ цела држава кои ќе настапат на следните избори. Четири години откако целосно го поддржа Преспанскиот договор, Димитриевски, пласира дезинформации за Преспанскиот договор. Останува отворено прашањето дали на овој начин им се додворува на „бојкотирачите“ и на оние кои се уште не сакаат да веруваат дека живеат во Северна Македонија.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ
извор Civilmedia.mk