17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Собранието излезе во пресрет на бизнисот, денеска усвоена ревидираната ПЕМ конвенција за извоз на пазарите на ЦЕФТА

На денешната 73-та седница Собранието на РСМ ја усвои ревидираната ПЕМ конвенција за извоз на пазарите на ЦЕФТА, што беше една од заложбите на Стопанската комора на Северна Македонија, во делот на одблокирање на закони од економскиот ресор кои се важни за ублажување на енергетската криза.

Ратификацијата на Конвенцијата е од големо значење за извозно ориентираните компании бидејќи, меѓу другото, со тоа се укинува забраната за поврат на царина за суровини без потекло. На тој начин се олеснува и процедурата за добивање ЕУР 1 сертификат за потекло, се намалуваат трошоците на компаниите, со што тие стануваат поконкурентни на пазарите каде извезуваат.

Одблокирање на оваа ратификација и на уште два закона од економскиот ресор побара претседателот на Комората Бранко Азески на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери пред десетина дена. Во разговорот Азески ги предочи сериозните забелешки на компаниите, зашто во услови на тешка енергатска криза, тоа дополнително го усложнува нивното работење.

Како Стопанска комора ги поздравуваме заложбите на законодавниот дом и на пратениците од позицијата и од опозицијата кои ја препознаа важноста на овој меѓународен документ за компаниите и денеска истиот го изгласаа.

Земјите потписничи преземаа обврска да го завршат процесот на ратификација на ревидираната ПЕМ конвенција до 30 јуни 2022г. за договорот да може да се применува од 1 септември 2022г. Овој процес го немавме завршено само ние. Ратификацијата на ПЕМ конвенцијата, кај нас, од страна на Собранието требаше да се случи на 73-та седница, одржана на 27.06.2022г. Седницата тогаш беше прекинатата без да се усвои точка 3, која се однесуваше токму на ратификацијата.