Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово гостуваше во „Студио 10“ на ТВ24, каде зборуваше за буџетот на одбраната за 2023 година, како и за имплементацијата на сите придобивки за припадниците на Армијата неодамна изгласани во Собранието.
Во однос на одбранбениот буџет за следната година, министерката истакна дека целосно се имплементира планот за раст на одбранбениот буџет, но и дека тој ја отсликува реалноста во однос на економијата.
„Во изработката на буџетот за 2023 година ги имавме предвид потребите на Министерството и на Армијата, тој е поголем во однос на буџетот за 2022 година и се доближува до крајната цел – одвојување на 2 проценти од БДП за одбраната до 2024 година“, рече министерката и дополни дека овие средства како и досега, ќе ги користиме разумно и рационално.
Петровска истакна дека Министерството во целост ги почитува одредбите во Законот за измени и дополнувања на Законот за служба во Армијата со кој припадниците на Армијата добиваат голем број на придобивки кои ги немале досега. Дијалогот преку кој е дојдено до ова решение, истакна министерката, е спроведен во еден инклузивен процес, со сите четири синдикати во Министерството и во Армијата и со вработените.
Министерката одговори и на неиздржаните обвинувања од пратеник во Собранието, при што истакна дека во предлог-законското решение усогласена беше одредбата од зголемување на платите на припадниците на Армијата за околу 2.000 денари, и дека финансиските обрасци кои се содржани во Законот го покажуваат токму тоа.
„Законот кој го донесовме, претходно во една слична форма беше блокиран во Собранието повеќе од една година. Овој Закон кој денеска е реалност, има бројни придобивки – дава можност за избор за професионалните војници кои по 45-тата година старост ја напуштаат Армијата, а го предвиди и покажувањето на платите. Кога започнавме со имплементација на Законот, се воочи дека не е направена соодветна пресметка, но повторно заедно со синдикатите најдовме решение кое го почитува она што беше претходно договорено. Синдикатите стојат зад ова решение, впрочем од минатонеделната средба имавме и заедничко соопштение токму на оваа тема“, заклучи министерката.