24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Зборува АКТО! 2006 – 2020: 15 години низ уметничкиот израз на улицата

„Монографијата „Зборува АКТО! 2006 – 2020“ не е конечната архива за АКТО. Не е конечен поглед на АКТО. Оваа публикација е една архива што очигледно недостига на сцената, не само на фестивалот, туку и на сите општествено-политички случувања во изминатиов период. Таа е еден поглед, особено детален и сериозен, но и еден дискурзивен поглед што треба да отвори ново поле за различни дискусии. Оваа публикација е визуелен, личен и политички есеј за тоа што е АКТО, како и за условите во кои е создаван АКТО. Како некој документ/артефакт што треба да потсетува на значењето на архивирањето, што ќе го закопаме во дворот на Офицерскиот дом и по некое време ќе го најде некој што ќе ископува кога повторно ќе се реновира овој објект.“- се наведува во описот посветен на публикацијата „Зборува АКТО! 2006- 2020“ која беше промовирана во Музејот за современа уметност, во саботата на 29 октомври, на отворањето на 17-тото издание на АКТО, фестивал за современи уметности.

Монографијата на 700 страници, македонско издание и уште толку англиското  издание,  прави осврт на 15-те години фестивалско опстојување и растење на АКТО, како еден поинаков концепт на уметничко изразување, карактеристично преставување на многуте форми на уметноста низ една уникатна и критичка диоптрија. АКТО се доживува како континуитет на современието низ призмата на уметниците кои со своите дела имаат намера да предизвикаат политички и социјални процеси, да искритикуваат општества и настани, да и покажат на публиката како може уметноста на нестандарден начин да биде преставена, разбрана и пренесена.

На промоцијата на публикацијата свој осврт имаше Елизабета Шелева, теоретичар по книжевност која посочи дека делото е амбициозно и грижливо и дека низ сите страници, поткрепени со сведоштва, се преставува АКТО како дел од драгоцениот културен амбиент. Според неа АКТО е синоним за автентична енергија која не трпи суета и еготрипност.

„АКТО уште на самиот старт од своето постоење ја заговара интердисциплинарноста како неопходен креативен предизвик, но и своевиден фронт на дијалошко сочелување на уметностите, првин меѓу себе, а потем и со различните теориски (некојпат и академски) платформи и дисциплини.АКТО се реализира и препознава во заложбата за вон-институционалноста, како излезен модус и предизвик,  наместо да го прифати и да му се потчини на обесхрабрувачкиот терор на институционалната бирократија, типичен за нас на Балканот. АКТО е нашиот „дадаистички“ модел за сплотување на уметноста и улицата,  свесно бришење на реските поделби меѓу приватниот и јавниот простор, меѓу културните институции и вон-институционалната, алтернативна култура. А, кога сме веќе кај лизгавото поле на „вон/институционалноста“, оваа монографија оддава свест за верижната низа „системски“ замки, кои притаено демнат на патот,па затоа и самата книга го отвора,уште на својот почеток, несомнено актуелното и важно прашање за значењето што го има архивата,обременото и дополнето со сосема оправданиот сомнеж во неа, како (за жал, не секојпат нужно и не секојпат) објективно историско сведоштво или чин на документирање на минатото.“- пренесе свое мислење за фестивалот и за публикацијата, Елизабета Шелева.

АКТО започна во Битола, во 2006 година, во градот со граѓанска и конзулска традиција. Незалудно авторите го нарекуваат „воз“ кој создава уметност на релација Битола – Скопје. Неговото создавање е поврзано со „Факултетот за работи кои не се учат“, студентска иницијатива формирана во 2000 година.

До денес, АКТО се надоградува во формата и содржината, но не отстапува од алтернативната уметност, современите текови и идеите да ја „преврти“ уметноста и да ја сервира пред публиката во една нова „амбалажа“, која е секогаш во тек со иновациите и полемиките.

Затоа Биљана Тануровска – Ќулавковски на промоцијата ќе се присети на почетоците на фестивалот кога во стан во Скопје се гледале проекции на филмови, за да поентира дека АКТО е тело кое расте, кое се менува, кое нуди повеќегласие и продуцира нови знаења. За неа АКТО е архива која не е преземена, туку самата создадена, АКТО е самосвесен дом каде се промислува уметноста.

„АКТО е гледање уметност и така го градевме својот поглед. Гледавме уметност од секаков вид, уметност која не можеме да ја видиме на друго место. Во стан гледавме филмови, гледавме и перформанси, престави, изложби… Јас се сеќавам како да имавме подвижен дом во Битола, како сите простори да беа наши и како да можевме секаде да се сместиме. Така градевме дом, тоа беше место каде што се среќававме, раскажувавме, слушавме музика, преку ден менувавме барови, по цели денови зборувавме.“- пренесе Тануровска – Ќулавковски свои спомени од годините на АКТО фестивалот.

АКТО е фестивал со мултимедијална платформа и во последние 10-тина години негови креатори се Филип Јовановски, уметник и архитект и Ивана Васева, историчар на уметност. Затоа присутните го доживуваат овој фестивал како дуален наратив на оваа двојка, односно надоврзување на нивние две енергии. Тие пак, во описот на публикацијата пишуваат дека темите што ги отвори АКТО изминативе 15 години можат да се обработуваат уште една декада одново.

„Пандемијата што го опколи светот ни направи и симболична и физичка пауза од присуството во јавниот простор, на улиците, галериите, плоштадите, театрите. Но, пак нè премести на друго место, дел онлајн, но и дел во еден нов процес на создавање односи, релации и врски што најверојатно одново ќе имаат потреба да редефинираат што е тоа што е денес јавно и што е тоа што е денес јавниот простор. Можеби оваа публикација е уште еден јавен простор во кој дејствува АКТО.“- го пренесуваат својот впечаток авторите на фестивалот.

Кураторот Владимир Јанчевски, долгогодишен соработник на АКТО, на промоцијата нагласи дека илјадници луѓе поминале низ фестивалот со свои активности. Според него фестивалот се родил и дејствува во време кога постои чувството дека јавниот простор се стеснува, а при тоа публиката сака таква уметност, која низ некакви форми дава отпор и прави одбрана на јавните простори.,

„АКТО не беше само фестивал за современа уметност, туку една поширока платформа која ја разбира визуелната уметност многу пошироко, како причина за развој на критичка култура, и таа интердисциплинарност секогаш била во фокусот. АКТО направи нешто многу важно, поврзување на регионална сцена, на постјугиословенскиот простор, и така ни овозможи да сме во контакт со луѓе од средини кои отсекогаш ни биле важни. Со тие автори од Србија, Хрватска, ја продолживме соработката и во други проекти.“- посочи Јанчевски додека правеше лична ретроспектива за посебноста и важноста од одржувањето на АКТО во изминатите 17 години и неговото наметнување како сериозен концепт во освојувањето јавни простори и нивно прикажување низ уметнички израз.

Свој настап на промоцијата имаше Бранко Шимиќ, визуелен уметник кој работи во Хамбург, Германија, а кој се претстави со визуелна и аудио инсталација „Хусински рудар (моето минато е вашата иднина). Уметникот преку перформаност, нагласи дека, дава придонес во борбата за човекови и работнички права, односно да не биде заборавена борбата на работниците и рударите од Тузла, Босна и Херцеговина, кога пред 100 години се кренале на штрајк, но биле сурово дочекани од властите со оружје. Во тој инцидент настрадале 30-тина рудари, а рударот Јурок Урошевиќ бил осуден на смртна казна со бесење заради смртта на еден полицаец. Како што раскажа Шимиќ, со влијание на интелектуалците, кои во тоа време припаѓале на левицата, од кои го издвои писателот Мирослав Крлежа, рударот Урошевиќ се извлекол од смртната казна и бил санкциониран со 20 години затвор. Токму неговата приказна и приказната на рударите од Тузла ги обработува аудио- визуелниот перформанс на Шимиќ. Со оваа изведба уште еднаш се потврди уникатноста на АКТО и сенсот за значењето на сите уметности кои бараат посебен начин да се престават пред публиката.

Инаку, уредници на монографијата се Ивана Васева и Филип Јовановски. АКТО архивата и техничката поддршка се на Александар Јовановски. Координатор на публикацијата и уредничка поддршка е Владимир Јанчевски. Визуелниот идентитет на проектот „Зборува АКТО 2006-2020“ е на Филип Јовановски, Иван Дургутовски и Александар Јовановски. Визуелниот концепт и графичкиот дизајн на публикација го изработија Марко Ковачевски и Филип Јовановски. Издавач е „Факултет за работи што не се учат.“