Во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија пациентки од Здружението за помош и поддршка на пациенти кои се лекуваат од карцином „Љубов сме – Jemi dashuri“ и здравствени работници од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
На посетителите им беа претставени историски податоци за објектот, беа информирани за работата и надлежностите на претседателот Пендаровски, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби. Тие имаа можност во Мозаик салата да го разгледаат и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“, изработен од академик Глигор Чемерски.
Посетата се организира по повод Октомври – месец за подигање на свеста за борба против ракот на дојка и во рамки на истата денешните посетители имаа можност да разговараат со претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска при што изразија благодарност за нивната досегашна поддршка и соработка. Исто така, тие ги запознаа претседателот Пендаровски и неговата сопруга со предизвиците со кои се соочуваат пациентите и здравствените работници во врска со оваа болест кај нас.
Претставувајќи ја својата досегашна работа, од Здружението “Љубов сме – Jemi dashuri“ информираа за нивните активности насочени кон олеснување на патот на онколошките пациенти кон нивното подобро здравје, но и на нивните семејства кои ги придружуваат во борбата против болеста. Притоа, информираа за соработката со Министерството за здравство, особено со Клиниката за онкологија и радиотерапија во рамки на која постои Психолошки кабинет и во кој има библиотека со фонд на книги донирани од самите пациенти.
Изразувајќи поддршка за активностите за зголемување на свесноста за борбата против ракот на дојката, претседателот Пендаровски и неговата сопруга истакнаа дека истите се од големо значење особено за поттикнување на самопрегледите и редовните контроли кои се клучни во навременото откривање и превенцијата од ова заболување.
Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, инициран за да се овозможи реализација на директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Во рамки на активноста Кабинетот го посетуваат граѓани од различни возрасти и области на занимања, организации, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.