25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Средба Керим -Савада: Подобра промоција за зголемување на туристичката размена со Јапонија

Туристичкиот потенцијал, видовите туризам и можностите за инвестирање во овој сектор беше тема на состанок на претседателот на Туристичко-угостителска комора и потпретседател на Сојузот на стопански комори, задолжен за меѓународна соработка, Аркан Керим и амбасадорот на Јапонија, г. Хиронори Савада. На средбата се констатираше дека постои голем туристичките потенцијали и дека со подобра промоција на туристичката понуда и можности значително ќе се зголеми бројот на туристи кои од Јапонија доаѓаа во нашата земја и обратно.

„Сојузот и Јапонската амбасада споделуваат исти цели за продлабочување на соработката во туристичката индустрија и подготвени се заедно да работат на унапредување на состојбите. Во таа насока истакнавме иницијатива за организирање на Недела на Кензо Танге во Скопје на која ќе биде презентирани и јапонскитe туристички производи. Иницијативата може да опфати и други градови покрај главниот град. Одлично ќе биде овој настан да го направиме на улица Македонија во април кога цветаат јапонските цреши“, истакна Керим.

Се договорија идните чекори за развој на активниот, културниот и винскиот туризам во двете земји и овозможување на поголема поддршка за промоција и вмрежување на приватниот туристички сектор.

„Трендот на туристичкиот пазар од Далечниот исток цели кон вмрежување на земјите од Балканот и нивно заедничко претставување на трети пазари. Тоа е одлична можност за Македонија. За подобра презентација на македонскиот туристички потенцијал во Токио ќе воспоставиме соработка со деловните мрежи во Јапонија и туроператорите. Со цел унапредување на соработката и во другите сектори на стопанството Сојузот на стопански комори ќе потпише меморандуми за соработка со стопански комори во Јапонија и ќе се организираат деловни настани за вмрежување на компаниите и за поттикнување на јапонски инвестиции во нашата земја“, истакна Керим.

Со цел подобро искористување на туристичките потенцијали на Дојранското Езеро, Керим предложи да се искористат јапонски искуства и експертиза за подобрување на квалитетот и безбедноста на водата во езерото.