25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Брисел да даде гаранција дека ќе нема вето во иднина, дотогаш нема промена на Уставот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека нема да поддржат отворање и интервенции во Уставот се’ додека Европската Унија не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од Бугарија.

„Кога некој од Европа и од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија тогаш ќе можеме да седнеме и да разговараме. Дотогаш нема промена на Преамбулата и нема интервенции во Уставот”, рече Мицкоски.

Прашан за став околу барањето на албанските партии за со уставните измени албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот, истакна дека е подготвен да разговара за како што рече, нов договор за Македонија со кој би се избришала и нормата „20 проценти“ од Уставот, но и нормите „Бадентер“ и „Балансер“ за во Македонија да има фер систем во кој луѓето ќе напредуваат затоа што имаат знаење и се конкурентни, а не затоа што се дел од некаква квота или бројка.

„Aко мислите за таа норма од 20 проценти, многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата „Бадентер“, за нормата „Балансер“ и да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни, имаат знаење“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така истакна дека политичарите Албанци во Македонија треба да престанат да ги потценуваат и да ги третираат граѓаните Албанци како процент и да почнат да ги третираат како рамноправни граѓани.

„Јас се надевам дека политичарите Албанци во Македонија нема повеќе да ги потценуваат граѓаните Албанци во Македонија и нема да ги третираат како процент, туку рамноправни како и сите други граѓани, па ке седнеме ќе договориме конечно нормите „Бадентер“ и „Балансер“ да бидат избришани и заедно со тоа и сите работи за кои што барања се на маса и да разговараме за тој еден нов договор за Македонија“,додаде Мицкоски.