Младинскиот активизам и вклучувањето на младите во процесите се двете константи што можат да доведат до вистински решенија за младите, порача потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев на конференција во организација на Националниот демократски институт НДИ, на тема вклученост на младите во политиката.
„И јас самиот доаѓам од политички подмладок. Имав чест и одговорност да ја предводам СДММ во време кога Македонија беше заробена држава, во период кога се кршеше режимот. СДММ е членка основач на Националниот младински совет на Македонија, тогаш ја продлабочивме соработката со граѓанскиот и младински сектор, а во 2012 заедно со младинските организации и иницијативи се боревме против штетниот Закон за млади и заедно успеавме“, посочи Богоев.
Потпретседателот Богоев порача дека СДСМ во изминатите пет години има спроведено низа проекти кои го унапредуваат животот на младите, а многу од тие проекти се резултат токму на визијата и упорноста на СДММ.
„ СДСМ има спроведено низа клучни проекти кои го подобруваат животот на нашите млади. Го укинавме екстерното тестирање, заедно се изборивме за намалена стапка на младинска невработеност, по 2.400 денари месечно за субвенциониран студентски оброк, младински додаток од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство, зголемени ученички, студентски и постдипломски стипендии.
Нашата држава е единствена земја во регионот којашто не е членка на ЕУ, а ја ја спроведува Гаранцијата за млади, мерка преку која се вработуваат и се дообучуваат млади лица. Ова се само дел од тие политики кои може да кажеме дека довеле до придобивки за младите“, заклучи Богоев.
Богоев повика младите да бидат активни, гласни, да се вклучат во носењето одлуки што обезбедуваат квалитетни услови за живот на младите во нашата држава.