Банките стануваат сè повеќе фокусирани на одржливо (ESG) финансирање на комерцијални недвижности, две третини од анкетираните банки веќе имаат стратегија за ESG за овој сектор, додека сличен број банки ги оценуваат заемите од перспектива на одржливост. Речиси половина од учесниците во истражувањето работат на или веќе нудат специјални, одржливи производи за финансирање, при што некои банкари веќе согледуваат дека заемите се одбиваат поради неисполнување на критериуми за ESG. Ова се базира на овогодинешното 13-то истражување „Property Lending Barometer“ на КПМГ со учество на преку 40 банки од 10 земји од ЦИЕ.
Зголемената важност на одржливото финансирање беше потврдена од страна на банкарите од сите земји-учеснички, со имплементација на новото законодавство на ЕУ (вклучувајќи ја таксономијата) во стратегиите на матичните компании, а потоа поединечните банки стануваат клучниот двигател на трендот. „Барањата и чекорите што ги преземаат поединечните централни банки влегуваат во игра, а исто така значаен ефект има и тоа дали една земја е членка на еврозоната и е во рамките на овластувањата на ЕЦБ“, истакна Павел Климент, Партнер одговорен за секторот на недвижности во КПМГ во Република Чешка.
Две третини од банките ги оценуваат заемите од перспектива на ESG
Над 68% од анкетираните банкари рекле дека нивната институција веќе ги има вградено критериумите за ESG во проценувањето на заемите за недвижности, при што приближно ист број банкари споменуваат собирање на нови податоци и воведување на внатрешно известување и мониторинг поврзано со ова. Според истражувањето, имплементацијата на новите мерки во секторот најбавно се одвива во Бугарија, Романија и Србија.
65% од банкарите потврдуваат дека имаат ESG стратегија за финансирање на недвижен имот на ниво на банка, при што анкетираните чешки, унгарски и полски банки се над овој просек. Сепак, во Хрватска и Романија, повеќе од половина од анкетираните банки немаат стратегија за ESG за секторот.
Дополнителните ESG услуги што ги обезбедуваат банките, како што се консултантски услуги за субвенционирање или консултантски услуги за заштеда на енергија, се исто така многу ограничени, со исклучок на Чешка и Хрватска.
Надворешна сертификација како клучен фактор
Над 75% од анкетираните банки кои веќе имаат воспоставени критериуми за евалуација на ESG користат надворешни сертификати како BREEAM, LEED, WELL или GRESB за да ја проценат одржливоста на зградите, при што сличен број банки користат свој специјален прашалник за ESG. Се користат и енергетски ознаки, најчесто во Хрватска и Чешка.
Општо земено, анкетираните банки се потпираат на повеќе од една алатка кога ги оценуваат заемите од перспектива на ESG и одржливост.
Неисполнувањето на барањата за критериумите за ESG може да биде причина за одбивање на заемот – 7% од испитаниците од банките со постоечки внатрешни критериуми за ESG потврдиле дека забележале такви случаи, а дополнителни 26% забележале одбиени заеми поради неисполнување на неколку различни услови, меѓу кои и критериуми за ESG.
Ограничено искуство со производи фокусирани на одржливо финансирање
Повеќе од половина од анкетираните банкари потврдија дека нивните банки или создале или работат на воведување специјални производи насочени кон одржливо финансирање, овозможувајќи им да понудат пониски каматни маргини, подолг рок на доспевање или помала амортизација на проектите што ги исполнуваат критериумите за ESG. Сепак, постои ограничено практично искуство во однос на реално обезбедување на овие специјални производи.
„Повеќето од анкетираните чешки банкари засега не планираат да воведат слични специјални производи. Исполнувањето на критериумите за ESG обично се перцепира како еден од клучните услови што мора да се исполнат за воопшто да се добие заем. Слични размислувања изразија банкари од Полска и Србија“, објасни Павел Долак, координатор на анкетата на КПМГ во Република Чешка.