Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при гостувањето во кумановската ТВ ПЛУС, разговараше меѓу другото и за локални теми, при што беше запрашан за обновата на Спомен костурницата во Куманово, споменик од прва категорија.
„Спомен костурницата е историски комплекс којшто има огромно значење, не само за Куманово и кумановци, туку и за државата, и за целиот македонски народ, и не само што е потребно, туку заслужува да биде обновена, затоа што сметам дека Куманово како град кој што беше носител во борбата против фашистите, град кој ги негува до ден денеска слободарските традиции на антифашизмот, тоа треба да го има, треба да го добие како поддршка од државата и нема да изостане таа поддршка”, беше дециден министерот Спасовски, при што потсети дека за време на периодот кога тој беше технички премиер и во изборната кампања беше најавено дека за следниот мандат од четири години, еден од важните три проекти за овој град ќе биде реконструкција на Спомен костурницата.
„Најавивме и за обнова на Соколана, а тоа што се направи за Соколаната се со финансии од државата, за реконструкција на спортската сала, исто така, се финансии од државата. За овој проект, обнова на Спомен костурницата, ќе направиме сè во рамките на сите можности и капацитети да го изреализираме, за да следниот празник 11 Октомври го дочекаме во едно поинакво руво и да оддадеме признание и почит на сите оние кои се вложија во темелите на македонската држава,” истакна министерот Спасовски, при што потсети за вложените 121 милиони евра само во патна инфраструктура за Куманово.
„Досега успеавме да направиме многу проекти со помош на државата, вкупно 121 милиони евра инвестиравме само во патна инфраструктура во целиот кумановски регион. Рехабилитиравме над 85 километри локални и регионални патишта со 19.000.000 евра. Куманово – Свети Николе, Куманово – Никуштак, Куманово – Опае – Слупчане – Белановце кои се целосно реконструирани, Куманово – Крива Паланка, регионалниот пат е завршен во последна фаза, од село Војник до Страцин, се прави нов експресен пат Страцин – Крива Паланка – граничен премин Деве Баир за полесно да се поврземе со Бугарија. Се продолжи со градба на пругата која многу години се гради, а за која обезбедивме финансиски средства. Изградивме три училишни спортски сали, за техничкото училиште ‘Наце Буѓони’, за економското училиште ‘Перо Наков’, како и за училиштетот ‘Јероним Де Рада’ во село Черкези, реконструкција на земјоделското училиште како регионален средношколски центар. Да потсетам за обештетените стечајни работници, тоа беше едно од ветувањата кои ги имавме. Двата мостови околу Куманово, реконструиран Искрин Мост после 40 години, како и мостот во Проевце, кој е веќе при крај со реконструкцијата”, објасни министерот Спасовски, при што рече дека сите овие овие проекти зборуваат за кредибилноста на Владата и за поддршката која ја дава за граѓаните на Куманово.
„Навистина, јас ќе направам сè да се обезбедат финансиски средства за реконструкција на Спомен костурницата”, порача министерот Спасовски.