Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше состанок со претставници од факултетите од областа на информатичко-комуникациските технологии во земјава, со кои разговараше за предизвиците во процесот на дигитална трансформација на општеството.
Вицепремиерката Грковска оцени дека кадарот што произлегува од овие факултети ќе биде клучен носител на овој процес и затоа е важно овие факултети активно да бидат вклучени во креирањето на решенијата за дигитализацијата.
За таа цел, објасни таа, формиран е и Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, каде меѓу другите надлежни институции има и претставници од овие факултети. Грковска нагласи дека на тој Совет ќе разговара за сите отворени прашања, вклучително и потребата за централизација и стандардизација на системите на сите институции.
На состанокот беше отворено и прашањето за одливот на кадри и за начините за задржување на информатичарите во земјата, како и за пронаоѓање модел кој ќе обезбеди нивно задржување во јавниот сектор, а притоа нивниот труд да биде соодветно вреднуван.
На состанокот со претставниците од четирите факултети за информатички науки во земјава, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за информатички и комуникациски технологии, Универзитет „Свети Климент Охридски“ – Битола и Факултет за компјутерска техника и информатика од „Американ Колеџ“ – Скопје беше презентирана можноста, преку соработка со приватни компании, студентите да посетуваат бесплатна едукативна програма наменета за образовните институции од сите степени, со цел развој на вештини, знаење, иновации во информатиката.