17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерката Петровска на безбедносен форум во Црна Гора – ќе се дискутираат прашања за регионалната безбедност

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска учествува на регионалниот политичко-безбедносен форум „2БС – да се биде безбеден“ во Будва, Црна Гора.

Петровска ќе се обрати на панелот „НАТО подготвен за иднината – силен и отпорен“, заедно со заменик-премиерот и министер за одбрана на Црна Гора, Рашко Коневиќ, и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поџиќ.

На годинешниот форум ќе бидат опфатени повеќе теми и области што претставуваат предизвик за регионалната и глобалната безбедност, како војната во Украина и реперкусиите врз Западен Балкан, борбата со дезинформациите, европерспективата на Западен Балкан, одговорноста на агенциите за разузнавање на Западен Балкан, големата геостратешка конкуренција, значењето на сојузот помеѓу Русија и Кина, „Отворен Балкан“ и други.

Покрај министерката Петровска, на настанот ќе земат учество и други високи претставници од државите во регионот, меѓу кои и претседателите на Словенија и Црна Гора, Борут Пахор и Мило Џукановиќ, заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, министри за одбрана и министри за надворешни работи од регионот, претставници на академската заедница и експерти, а најавено е и преку видеоврска да се вклучи украинскиот претседател Зеленски.