17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи – Хајаши: Договорот за техничка соработка отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посетата на Јапонија оствари средба со јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши.

Министрите ја почнаа средбата со потпишување на договорот за техничка соработка меѓу двете земји, со што се зајакнува можноста за имплементација на јапонската билатерална помош за Северна Македонија, но и збогатување на договорно правната рамка. Дополнително, договорот претставува основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сè, во делот на економската соработка и бизнис-врските.

Во оваа пригода Османи упати благодарност за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку многубројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во Северна Македонија.

„Јапонската помош за Северна Македонија кумулативно достигнува безмалку половина милијарда долари. Многубројни проекти, кои се финансирани преку јапонската помош, го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сè до поддршка за малите и средните претпријатија, зачувување на животната средина – ова се областите во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата“, истакна Османи.

За време на разговорите, беа разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис-врските, при што Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан. Дополнително, министерот Османи информира и за одржаната презентацијата на поволностите што земјата ги нуди за странски инвеститори во рамките на бизнис-форумот ЏЕТРО, како и претстојното учество на Северна Македонија на „Осака експо 2025“.

„За нас, особено значајни се зајакнувањето на економската соработка и бизнис-врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис-климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ -екторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјата. Воедно, учеството на Северна Македонија на ‘Осака експо 2025“ ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување нови бизнис-партнерства и за привлекување јапонски инвестиции“, истакна Османи.

На средбата беше упатена заедничка осуда на руската инвазија во Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено еднакво влијае и врз азискиот континент, Индо-Пацификот и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.

Воедно, Османи се осврна на претстојните значајни јубилеи – 110 годишнината од раѓањето на Кензо Танге во 2023 година и 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи во 2024 година, што претставуваат убава можност со пригодни заеднички настани да ги одбележиме досегашните достигнувања и успеси во билатералните односи меѓу двете земји.