22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ-Абазовиќ: На патот кон ЕУ најважно е регионот да соработува

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во рамку на денешната еднодневна посета на Црна Гора, се сретна со црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ, при што посочија дека со соработка и заедничко делување многу побрзо и полесно ќе се надминат проблемите со кои цел регион се соочува, како последица на новата геополитичка ситуација, а врз граѓаните нема да се рефлектираат во голема мера последиците од војната, особено во економска смисла.

„ Напредокот на една земја Западен Балкан е напредок на сите и цел регион, тоа е важна лекција која мора да ја знаме и дека сè што правиме на регионално ниво, на темелите на европските вредности, ќе носи мир, стабилност и напредок, а тоа ќе значи благосостојбата на нашите граѓани, рече вицепремиерот Маричиќ.

Според Aбазовиќ овој регион долго време трпи различни последици од неодговорните политики, кои, како што рече, биле во претходниот период.

„ Нашата главна цел е полноправно членство во ЕУ на сите земји кои претендираат да бидат дел од едно големо европско семејство. На тој пат треба да си помагаме. Единствениот начин да го постигнеме тоа е со поголема соработка и зголемување на севкупната доверба“, истакна Абазовиќ на средбата.

На состанокот се разговараше и за можноста за проширување на Иницијативата „Отворен Балкан“, со цел иницијативата да го добие полното значење на отвореност на цел Западен Балкан.

„ Мора да знаеме во вистински моменти да преземаме одговорност за носење храбри и лидерски одлуки кои ќе носат просперитет, преку различни форми на здружување и соработка на регионално ниво, посочи Маричиќ.

На пријателската и конструктивна средба беа потврдени традиционално добрите односи кои ги негуваат двете земји и кои според Маричиќ и Абазовиќ треба да послужат како пример за останатите земји во регионот.

Билатералната средба се одржа на маргините на Самитот за демократија во Југоисточна Европа „Војна во Европа: Влијание врз Балканот“, организиран од Меѓународниот републикански институт (ИРИ).