25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Тренчевска: Преку развојот на социјалните услуги на локално ниво услугите ги приближуваме до граѓаните

Новиот Закон за социјалната заштита во 2019 година донесе значителни новини на правата на парична помош, и тоа во однос на обемот, видовите, износите и критериумите за остварување на правата, како и првпат воведување и класификација на видовите на социјални услуги, начинот, обемот, процедурите и стандардите за обезбедување на социјалните услуги и обезбедување услови за намалена зависност од институционална заштита, изјави министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, на работилницата „Развој на социјални услуги на регионално ниво“, организирана од Скопскиот Плански Регион и Програмата за развој на ООН, со цел поттикнување дискусија и размена на искуства за креирање успешни социјални планови на локално ниво..

Таа додаде дека општините добиле значително поважна улога за стратешко планирање и обезбедување услуги преку општинските совети за социјална заштита и советите за социјална заштита на планските региони, кои се веќе формирани во поголем дел од општините и планските региони.

„Со цел воспоставување и развој на социјалните услуги на локално ниво, Министерството за труд и социјална политика реализира ‘Проектот за подобрување на социјалните услуги’, со вкупен расположлив фонд од 10,8 милиони евра за периодот 2020-2024 година, обезбеден преку заем од Светската банка. Проектот се очекува да ја зајакне вклученоста на општините во планирањето, развојот и давањето социјални услуги на локално ниво преку лиценцирани даватели на услуги. Досега 18 даватели на социјални услуги добија лиценца/дозволата за работа, од кои 15 даватели на услугата за помош и нега во домот, еден центар за дневен престој на деца со попреченост, еден центар за активно стареење за стари лица и еден за советување. Кај овие даватели на услугите ангажирани се 126 лица, кои даваат директни услугите за 279 корисници, од кои 189 се жени“, истакна Тренчевска.

Во 2022 година финансиската поддршка на новите сервиси, обезбедени од страна на буџетот на МТСП, продолжи. Склучени се 7 управни договори со здруженија и приватни даватели на социјални услуги за давање социјални услуги (лична асистенција, живеење со поддршка, третман и рехабилитација на лица што имаат проблем со зависности и услугата за стручна помош и поддршка).

Министерката потенцира дека во финална фаза е и новата национална програма за развој на социјалната заштита 2022-2032 година, со кој документ се содржани цели, приоритети и правци на развој на социјалната заштита, со мерки и активности на среден и долг рок за остварување на правата на парична помош и социјалните услуги, како и продолжување на почнатите процеси на плурализација, деинституционализација и децентрализација.

„Со поддршка на швајцарската амбасада, УНДП останува посветен партнер на Министерството за труд и социјална политика во активностите за подобрување на квалитетот на живот на сите, а особено на оние што се исклучени од општеството поради сиромаштија, родова дискриминација, невработеност и недостиг на образование“, истакна Армен Григорјан, постојан преставник на програмата за развој на Обединетите нации.

Со цел поголемо вклучување на локалните самоуправи и регионалните структури во планирањето и испораката на социјалните услуги, на крајот на април почнаа интензивни консултации во сите 8 плански региони во државата, кои се реализираат со поддршка на Канцеларијата на УНДП и Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ) преку проектот „Креирање можности за работа за сите – главна фаза“.