Училиштата, МОН, општините кога се работи за основното образование треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование, особено што излеговме од период на пандемија речиси по две годи години каде што децата мораа да седат дома, изјави премиерот Димитар Ковачевски во однос на најавениот штрајк на вработените во училиштата и градинките, од понеделник (11 април).
„Јас знам дека на никого не му беше лесно, но јас се надевам дека во наредниот период ќе изнајдеме решение и дека децата прво ќе останат во училиштата, дека треба да продолжи наставата, а со синдикатот ќе се изнајде решение, бидејќи и со штрајк и без штрајк на крајот мора да има социјален дијалог којшто ќе заврши со договор помеѓу синдикатот и во овој случај Владата”, рече премиерот.
СОНК досега не успеа да се договори со Владата за зголемување на платите согласно новата минимална плата и според последните информации од СОНК, штрајкот е сè поизвесен. Наставниците, воспитувачите и другиот образовен кадар ќе штрајкуваат односно нема да работат додека не се договорат со власта.