20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи на Денот на НАТО: Потребно е забрзување на евроинтегративните процеси

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод Денот на НАТО, организираше прием во Министерството за надворешни работи, на кој учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот Османи во своето обраќање ги истакна придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешнополитичко постигнување. Нагласи дека нашето членство во алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

„Алијансата е поддржувач на евро-атлантска ориентација на нашиот регион, посветена на безбедноста и стабилноста на земјите од Западен Балкан, регион од стратегиско значење на НАТО, со кој има долга историја на соработка и спроведување на операции, кои го овозможија мирот и стабилноста. Вонредната ситуација на европскиот континент покажува дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа во оваа пригода упатуваме уште еден силен апел до Унијата за проактивен пристап и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е од суштински интерес за зачувување на безбедноста на Европа”, истакна Османи.

Османи нагласи дека руската инвазија во Украина придонесе за зајакнување на единството кај земјите членки, поголема соработка во насока на градењето отпорност и одвраќање на алијансата од еминентните закани, како и зајакнување на соработката со земјите партнери на Алијансата.

„Одлучни сме во нашата осуда на руската нелегална инвазија на Украина. Ја почитуваме храброста на украинскиот народ со која ја бранат нивната држава, нивниот суверенитет и територијален интегритет. Целосно го поддржуваме фундаменталниот принцип дека сите земји имаат право да го изберат својот сопствен пат, своите надворешнополитички приоритети и безбедносни аранжмани” – нагласи премиерот Ковачевски.

На настанот присуствуваа високи владини функционери, претставници на дипломатскиот кор и други значајни институции во земјава.