Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска оствари средба со директорот на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Матео Мекачи, на која беше изразено задоволство од досегашната успешна соработка и напредокот во демократските изборни процеси.
Исто така, двајцата соговорници дискутираа за прашања од областа на криминалот од омраза и дискриминацијата, како важни предизвици за секое мултиетничко општество, во кое заштитата на човековите права неопходно е да биде приоритет без оглед на етничката група на која граѓаните припаѓаат. Притоа, беше потврдена важноста од добрата обученост на службите, активностите во насока на јакнење на јавната свест и транспарентноста на институциите за спроведување на законот, што е пропорционално со довербата на граѓаните. Во контекст на ова, на средбата беше констатирано дека ромската етничка заедница е успешно интегрирана во македонското општество.
Притоа, Спасовски ја потврди отвореноста за партнерство на МВР во однос на учество во проект за набљудување на јавни собири, кој беше понуден од страна на Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, со која МВР и досега бележи успешна реализација на заеднички проекти. Двајцата соговорници изразија уверување дека успешната соработка во области од заеднички интерес ќе продолжи и во периодот што следи, земајќи го предвид унапредувањето на Република Северна Македонија како земја-претседавач на ОБСЕ во 2023 година.