24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Побрзо и поефикасно до поквалитетни набавки за одбраната и Армијата, Министерството воведува нов напреден софтвер за јавни набавки

Министерството за одбрана, заедно со Центарот за управување со промени, а поддржано од британската Амбасада, воведува нов софтвер кој сериозно ќе влијае на зголемувањето на брзината и ефикасноста, а ќе ја анулира и можноста за технички грешки и какво било потенцијално коруптивно влијание во реализацијата на јавните набавки за одбраната и за Армијата.

На денешната промоција на новиот софтвер кој влегува во својата тест – фаза, министерката за одбрана, Славјанка Петровска истакна дека особено денеска, во услови на безбедносни предизвици во Европа, јасно е дека има потреба од вложување во одбраната, исто како што е важно опремата која се набавува да биде квалитетна и навремено испорачана.

„Министерството за одбрана според проценките на невладиниот сектор има висока позиција во однос на транспарентноста на јавните набавки и прво место според времето што е предвидено за пријавување и подготовка на фирмите на нашите огласи. Но, се разбира дека сакаме да бидеме уште подобри и поефикасни и токму затоа системот што го воведуваме ќе ја зголеми ефикасноста на јавните набавки и ќе го намали просторот за коруптивни влијанија во самиот процес“, рече Петровска.

Министерката појасни дека станува збор за интерен систем во Министерството за спроведување, контрола и следење на јавните набавки, систем со кој се воведува рано предупредување за потребата од започнување на нова постапка, со што се овозможува навремено планирање и реализација на набавките.

Овој систем, рече Петровска, креира електронска меморија и е компатибилен со системот на Бирото за јавни набавки.

„Ќе имаме база на податоци која ќе скрати голем дел од времето за подготовка на поединечните јавни огласи, корисниците на системот ќе бидат на време предупредени за рокот на истекот на договорот или за процентот на потрошени финансиски средства и со тоа ќе се избегне евентуално доцнење во објавувањето и склучувањето на нови договори за потребните набавки. Целиот процес ќе се спроведува електронски“, рече министерката.

Петровска се заблагодари на тимот кој работеше на софтверот, на Центарот за управување со промени и на нашиот сојузник, Обединетото Кралство со чија поддршка се реализираше овој проект.

Британскиот советник во Министерството, генералот Џон Баурон порача дека Северна Македонија игра важна улога во градењето на капацитетите за одбрана во рамките на НАТО и дека клучeн е континуираниот развој на капацитетите на Министерството за одбрана и на Генералштабот на Армијата. Баурон истакна дека стандардите и доброто владеење се важни и во процесот на јавни набавки.

„Воените процеси за набавки имаат за цел да обезбедат соодветни набавки и опрема на оние на кои што им се потребни во вистинско време и на вистинско место. Но, набавките треба да бидат водени и да бидат следени на ефективен начин за да се обезбеди ефективен синџир на снабдување, вистинската опрема да дојде до вистинските луѓе и да се обезбеди вистинска предност за потрошените пари“, рече Баурон.

Тој порака дека Обединетото Кралство е еден од водачите на креирањето и спроведувањето на политиките на НАТО и е силен поддржувач на зголемувањето на одбранбените капацитети на Северна Македонија.